Околу 300.000 бегалци од Украина остануваат во Чешка
- Во Чешка, која од почетокот на војната во Украина привремено прими 502.000 бегалци од таа земја погодена од војна, останаа помалку од 300.000 Украинци, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.
Прага, 27 март 2023 (МИА) - Во Чешка, која од почетокот на војната во Украина привремено прими 502.000 бегалци од таа земја погодена од војна, останаа помалку од 300.000 Украинци, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.
Чешката Република на бегалците им одобри визи и привремено засолниште, по што некои Украинци се вратија во татковината, додека некои заминаа во други земји.
Чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракушан во март објави дека очекува, врз основа на искуствата од слични типови миграциски кризи, 40 до 45 отсто од луѓето принудени да ги напуштат своите домови поради војната да останат во земјите во кои побегнале.
Ракушан предупреди дека во Чешка има специфична група бегалци бидејќи тие се претежно жени и деца.
Чешката влада до март 2024 година ги продолжи правилата за компензација за сместување бегалци од Украина во пансиони и хотели.
Измените на таканаречениот лекс Украина, закон кој ја регулира помошта за бегалците од Украина, се однесуваат на тоа дека од јули бегалците ќе можат бесплатно да престојуваат најмногу 150 дена, а потоа ќе треба да платат дел од трошоците.
Мајките со мали деца, инвалидите и старите лица се ослободени од плаќање.
Владата се залага бегалците да поминат што е можно пократко време во колективно сместување во сали, не подолго од еден месец и до три месеци во хотели и пансиони. паг/
Фото: ЕПА