Околку 500 деца на 20. Божикен ручек во Прилеп
- Околу 500 деца од повеќе краишта на Македонија ќе седнат заедно на божикниот ручек што во Прилеп 20-ти јубилеен пат го организира невладината „Детската амбасада за сите деца во светот“.
Прилеп, 5 јануари 2026 (МИА) - Околу 500 деца од повеќе краишта на Македонија ќе седнат заедно на божикниот ручек што во Прилеп 20-ти јубилеен пат го организира невладината „Детската амбасада за сите деца во светот“.
На Божик (7 јануари) на пладне во прилепскиот ресторан „Симфонија“ на заедничката божикна трпеза ќе седнат деца од повеќе целни групи, од повеќе градови: од Прилеп, од Скопје, Битола, Куманово, Тетово, Струмица, Охрид, од Штип и од други градови и општини.

- И годинава, нашата порака е во рамките на нашето мото „Едно небо за сите деца“, а тоа значи децата да се почитуваат помеѓу себе, да нема дискриминација и насилна комуникација, да преовладува толеранцијата и сите ние заедно да придонесуваме кон градење на нашето општество бидејќи децата се нашата иднина. Вредностите кои се промовираат со самиот настан се: еднаквоста, љубовта и мирот помеѓу децата. Тоа, пак, води до нашиот постулат на програмските задачи на Детската амбасада дека сите деца се исти и еднакви во остварувањето на нивните права, односно дека ништо не е позначајно од среќата на детското лице, па затоа на оваа божикна трпеза заедно се дружат деца од другите верски заедници, од исламската, католичката, еврејската и евангелско-методистичката, кои заедно ќе се дружат и ќе празнуваат, рече Александра Северкоски Стојаноска, извршен директор на „Детска амбасада за сите деца во светот“ со седиште во Прилеп, најавувајќи го јубилејниот 20-ти, Божикен ручек за децата.
Оваа година ручекот ќе го благослови викарниот Архиереј на Преспанско – пелагониската епархија, г. Никола, а на сите деца прилепскиот градоначалник ќе им додели пакетчиња. Свеченоста ќе ја збогатат танц студиото „Зодијак“ од Прилеп, Димитар Иваноски од Прилеп и Христијан Настески - Пајак.
Ќе биде доделен орденот за носител на мирот, а годинава ќе го понесе спортистката Гордана Нацева.ем/мд/
фото: МИА