• понеделник, 23 декември 2024

Од печат излезе двотомната книга „За македонистиката отворено“ на Свето Стаменов и Димитар Пандев

Од печат излезе двотомната книга „За македонистиката отворено“ на Свето Стаменов и Димитар Пандев

Скопје, 18 октомври 2024 (МИА) - Во издание на Општина Охрид, од печат штотуку излезе двотомната книга „За македонистиката отворено“ - второ издание на „За македонистиката отворено“ - I книга и „За македонистиката отворено“ - II книга, на Свето Стаменов, политиколог и новинар и професор доктор Димитар Пандев, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје, соопштија утрово од тимот на авторите.

- „За македонистиката отворено“ - I книга, чие прво издание беше промовирано во рамките на свеченостите со што Општина Охрид минатата година го одбележа 23 октомври - Денот на македонската револуционерна борба, содржи 21 радио-разговор емитуван во периодот од 19 ноември 2016 година до 14 февруари 2022 година во авторскиот  проект „Quo vadis” и во редовните програми „Актуелно“ и „Радио спектар“ на Македонското радио - Радио Скопје и во неа, на 360 страници се „распослани“ радио-разговори за Крсте Мисирков - посветени на 90 и 95-годишнината од неговата смрт, за свети Климент Охридски - по повод 1100-годишнината од неговото упокојување, за Блаже Конески по повод 100-годишнината од неговото раѓање, за Григор Прличев, за „Бели мугри“ на Кочо Рацин, за големите македонистички јубилеи, за најновото издание на Правописот на македонскиот јазик, за Законот за јазиците, за најновата бугарска антимакедонска кампања што го негира постоењето на македонскиот јазик, како и за предизвиците пред што се исправени нашиот македонски јазик и македонистиката воопшто, се наведува во соопштението.

„За македонистиката отворено“ - II книга, пак, како што се додава, на 480 страници содржи 28 радио-разговори емитувани во периодот од 4 мај 2022 до 6 април 2024 година во редовните програми „Актуелно“ и „Радио спектар“ на Македонското радио - Радио Скопје.

- Првенствено посветени на одбележувањето на значајни годишнини од македонската културна и сеопшта историја, како што се 150-годишнината од раѓањето на аспостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев, 130-годишнината од смртта на најзначајниот македонски поет во XIX век Григор Прличев, 120-годишнината од објавувањето на македонската „златна“ книга „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков, на која ѝ е посветен мини-серијал од пет интервјуа, 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, несомнено еден од најзначајните македонски поети, 100-годишнината од смртта на Ватрослав Јагиќ, еден од најпознатите светски лингвисти и слависти, 80-годишнината од загинувањето на основоположникот на современата македонска литература Кочо Рацин, 80-годишнината од Првото заседание на АСНОМ, на кое беше донесено решение за прогласување на македонскиот јазик за службен јазик во новата македонска држава, како и 75-годишнината од формирањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, се додава во соопштението.

Се истакнува дека во книгата се застапени и радио-разговорите посветени на најновите дела на Пандев - „Историски портрет на македонскиот јазик“ - мини-серијал од три интервјуа, „Писателот во функција на јазикот“, „Книга за светите браќа Климент и Наум“ и „Охридски поети“ - во коавторство со Славе Ѓорѓо Димоски.

- Рецензенти на ова најново дело на Стаменов и Пандев се проф. д-р Цане Т. Мојаноски, проф. д-р Трајан Гоцевски, проф. д-р Милан Јазбец и доц. д-р Бобан Карапејовски, чија општа оценка е дека двотомната „За македонистиката отворено“ е своевидна „апотеоза за македонскиот јазик“ и „уникатен радиоучебник по македонистика“, пишува во соопштението до јавноста. бд/дма/

Фото: Тим на авторите

Остани поврзан