• понеделник, 18 ноември 2024

Од месецов платите на наставниците и професорите се зголемуваат за пет отсто, уште за седум во март 2025

Од месецов платите на наставниците и професорите се зголемуваат за пет отсто, уште за седум во март 2025

Скопје, 12 октомври 2024 (МИА) – Платите на наставниците и професорите се зголемуваат за пет проценти со октомвриската плата, додека до крајот на мандатот ќе пораснат за минимум 46 проценти, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски, по средбата со претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков.

Премиерот посочи дека е постигнат „историски договор“, којшто е во насока на подобрување на финансиската состојба на наставниците и професорите и најави ново покачување од 7 проценти во март 2025 година. Во зависност од состојбата на Буџетот, тој нагласи дека во 2026 и 2027 година платите на наставниците и професорите ќе се зголемат за 7,5 до 10 проценти, додека во 2028 година за 10 до 12,5 проценти.

– Се постигна историски договор којшто е во насока на подобрување на финансиската состојба на наставниците и професорите во основното и средното образование. Од октомвриската плата, која што ќе бида исплатена во ноември месец, сѐ до февруарската плата, која што ќе биде исплатена во март 2025 година, ќе имаме покачување на платите од пет проценти, потоа во март 2025 година ќе има покачување од седум проценти. Во март 2026 година во зависност од состојбата на Буџетот ќе имаме покачување помеѓу 7,5 и 10 проценти. Исто во зависност од состојбата на Буџетот во март 2027 година ќе имаме помеѓу 7,5 и 10 проценти и исто така зависно од состојбата на полнењето на Буџетот во март 2028 година ќе имаме помеѓу 10 и 12,5 проценти покачување на платата, што би значело во овој дијапазон за којшто сега зборуваме, во март 2028 година наставниците и професорите во основното и средното образование треба да земаат отприлика минимум 46 отсто повисока плата од таа која што ја земаат денеска, а може и повеќе во зависност од тоа која скала ќе биде применета, а тоа ќе зависи од приходната страна на самиот Буџет, изјави Мицкоски.

Колективниот договор, додаде, ќе биде завршен најдоцна до февруари месец и ќе се има јасна основа за тоа кои ќе бидат коефициентите на сложеност на работните места, бидејќи, како што рече, во моментов има нејаснотии во тој дел.

– Исто така се договоривме најдоцна до февруари месец колективниот договор да биде завршен, потпишан и да имаме веќе една јасна основа како понатаму ќе можеме да се развиваме и кои ќе бидат коефициентите на сложеност на работните места, бидејќи сега имаме би рекол условно кажано нејаснотии во тој дел, рече Мицкоски. 

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков изрази задоволство поради договорениот континуиран раст на платите во основно и средно образование и рече „конечно наставниците и професорите ќе имаат просечна или нешто над просечна плата“

– Задоволството е уште поголемо што се договоривме за континуиран раст на платите во основно и средно образование во период од четири години, каде според нашите заеднички математики, конечно вработените во основно и средно образование, носителите на дејност наставниците и професорите ќе имаат плата во висина од просечна или нешто над просечна плата, рече Неделков.

Ова е голем успех во преговорите, додаде, како и во социјалниот дијалог и партнерство и е доказ дека со заемно почитување и разбирање како социјални партнери, може да се дојде до прифатливи решенија. ра/аа/

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан