• петок, 22 ноември 2024

Од градот уништени земјоделски површини во Липково и Старо Нагоричане, излеана Крива Река во североистокот

Од градот уништени земјоделски површини во Липково и Старо Нагоричане, излеана Крива Река во североистокот

Куманово, 22 мај 2024 (МИА) - Граѓани денеска алармираат дека во Куманово поради обилните врнежи има одрони на патот во село Сушево. Градоначалникот на општина Старо Нагоричане, пак Бобан Цветановски во изјавата за МИА посочи дека вчера поради интензивните врнежи од град и дожд има одрони на повеќе патишта.

- До доцните вечерни часови со скип ги отстранувавме наносите од камења, инфраструктурата е уништена во повеќе села. Во однос на земјоделското обработиливо земјиште има уништени посеви од житни култури, градинарски, лозови и овошни насади. Комисијата ќе почне со работа, но веројатно ќе и треба повеќе време и детална информација ќе има до утрешниот ден, изјави Цветановски.

Жители на Липково, пак информираат дека вчера град паѓал 45 минути.

-Прво беше поситен, после покрупен како орев, се е уништено од културите, овошки, жито, домат, пиперка, изјавија жителите.

Најпогодени села се Отља, Слупчане, Оризаре. Штети имаат и куќите со соларни панели, а од градот оштетени се и автомобили кои биле оставени надвор.

Зголемен е водостојот и излеана е Крива Река во Опила, (Општина Ранковце), соопштија денеска од ЦУК. Оттаму додаваат дека по добиената пријава во ЦУК, за зголемување на водостојот и излевање на Крива Река во село Опила, Секторот за операции и координација на ЦУК преку Регионалниот центар за управување со кризи Крива Паланка, веднаш ги извести Општина Ранковце и побарале да се излезе и да се направи увид во состојбата.

ЦУК известува, по направениот увид од страна на Општина Ранковце, дека во еден дел околу мостот, за којшто е добиена пријавата, има излевање на реката на околните земјени патеки. Конкретно под вода е една нива и импровизирано игралиште. Причината за ваквата состојба е констатирано дека најверојатно е нерасчистеното корито од бујната распространетата вегетација. Мерки за расчистување Општина Ранковце ќе преземе веднаш по смирување на водата во речното корито и повлекување на истата, на веќе дефиниран простор, велат од ЦУК. ам/вг/

Фото: МИА/социјални мрежи граѓани

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан