Од верските календари
- 15 март 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 2 март. Денеска е Свештеномаченик Теодот Киринејски.
15 март 2020 (МИА)
ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 2 март.
Денеска е Свештеномаченик Теодот Киринејски.
Во третиот век на островот Кипар дојде еден маж од Галатија (Мала Азија) и го проповедаше Христос. Неговата проповед остави силен впечаток кај мештаните. Многумина се крстија, па го избраа овој маж, по име Теодот, за епископ во градот Киринеја. Теодот беше затворен при гонењето од страна на Ликиниј. Долго време го држеа в затвор и го ставаа на најразлични маки, сé со цел да се откаже од Христа. Но, блажениот остануваше цврст во верата. Наскоро царот Константин го победи Ликиниј и ги ослободи сите што беа затворени само заради името христијанин. Свети Теодот се врати во својата црква, каде поживеа уште две години.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР
Денеска е Св. Лујза де Марилак.
Била родена во 1591 година во Париз. Се омажила кога имала 21-на година и имала еден син. Во 1625 година умрел нејзиниот маж. За духовен водач го избрала свети Винко Паулски кој ги помагал сиромашните. Света Лујза де Марилак била во служба на сиромашните и болните луѓе. Заедно со Винко ја основала Дружината на сестрите, ќерки на христијанската љубов. Умрела во 1660 година, во Париз. Папата Иван во 1960 година ја прогласил за заштитничка на оние кои работат во христијанските социјални служби.
###