• среда, 27 ноември 2024

Од вакцинирани близу 13 илјади граѓани, само два случаи на колапс од страв или паничен напад

Од вакцинирани близу 13 илјади граѓани, само два случаи на колапс од страв или паничен напад
Скопје, 6 април 2021 (МИА) - Близу 13 илјади граѓани се вакцинирани заклучно со вчерашниот ден и освен два случаи на колапс, кои што не се поврзуваат со вакцината, туку веројатно станува збор за страв и панични напади, тука во салата „Борис Трајковски“, други несакани ефекти нема, изјави на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Девојката која што имаше тромбоза на очната вена, Филипче рече дека е добра и денеска оди на домашно лекување. Во однос на досега вакцинираните, министерот посочи дека нема препорака дека нешто треба да се прави по добиената вакцина, како превенција или некои контролни прегледи. - Тоа се однесува буквално на сите вакцини. Јас немам информација дека некој од здравствените работници, кој што е вакциниран, заболел од ковид по вакцинирањето, рече Филипче. Од податоците со кои досега располага, Филипче рече, дека над 90 проценти од сите здравствени работници, кои што работат со ковид веќе се вакцинирани и ревакцинирани. Генерално, додаде тој, околу 20 проценти на веќе закажани граѓани не се јавуваат на пунктовите за вакцинација. - Од близу 2 800 веќе закажани граѓани вчера, 2 500 се вакцинирале, изјави Филипче. Во однос на вакцинирањето на припадниците на МВР и Армијата, Филипче рече, дека имало голем интерес и согласно расположливите вакцини, приоритетни групи во Армијата и во полицијата ќе бидат тие коишто се најекспонирани и имаат најмногу контакти во текот на денот. Тој истакна дека во останатите институции се пријавуваат вработените над 50 години кои имаат одредени коморбидитети и така се регрутирале пријавените од МТСП, вработените во градинки, од МОН – наставниците од прво до трето одделение. Освен некои од информациите на социјалните мрежи, Филипче рече, дека досега не виделе силна антиваксерска кампања. - Апелирам граѓаните да се свесни дека ова е единственото оружје со кое ние ќе ја смениме сликата за пандемијата. Не само кај нас, секаде во светот. Сите вакцини се безбедни. Таму, каде што има сомнежи, сме внимателни и чекаме соодветни препораки и мислења, и ова е единственото нешто кое што можеме да го направиме да го зачуваме сопственото здравје, рече Филипче. аа/оџ/

Остани поврзан