• понеделник, 23 декември 2024

Одржана седмата изложба на олдтајмери во Делчево

Одржана седмата изложба на олдтајмери во Делчево

Делчево, 6 август 2023 (МИА) - Изложба на стари автомобили по седми пат се одржа денеска во Делчево. Таа го побуди интересот на сопствениците на олдтајмери од неколку градови од државава, но и од Бугарија и од Србија, кои во бројка од околу стотина, учествуваа на популарното „Ретро кар шоу“, што го организираше делчевското здужение „Кингс оф д роудс“ (King's of the road's). Изложбата ја красеа стари возила увезени од Англија, Италија и од други западно-европски земји, како и автомобили што најмногу се возеле на просторите на бивша Југославија, а беа меѓу највпечатливите.

- Имаме гости од Србија, Бугарија и од десетина градови од Македонија, кои што дојдоа со навистина прекрасни коли. Гледаме прекрасна глетка, а настанот претставува еден вид празник на градот. Имаме неофицијален и официјален дел, во официјалниот дел ќе доделиме награди на најдобро средени олдтајмери, ќе имаме и дефиле. Очекуваме уште неколку гости, сите кои се најавени и очекуваме потоа заедничка дружба, истакна претседателот на делчевското здружение на олдтајмери, Лоренцо Трајановски.

Настанот е поддржан од Федерацијата на историски возила на Македонија. Нејзиниот претставник, Јана Спиридоновска Саздовска истакна дека со самото растење на олдтајмерството во Македонија, федерацијата сѐ повеќе работи на обезбедување посебни сертификати за користењето на старите возила и обезбедување поволности при нивно регистрирање.

- Олдтајмерството во Македонија сѐ повеќе расте, федерацијата се збогатува со луѓе и со клубови. Во Македонија мислам дека има помеѓу 50 и 80 илјади олдтајмери, кои се обидуваме да ги собереме. Се формираат нови клубови, што е добар знак дека љубителите на стари коли или олдтајмерите сѐ повеќе излегуваат, ни се приближуваат, се пријавуваат. Работиме многу на таа регулатива да се олесни регистрацијата и да се издаваат посебни сертификати, мислиме дека со тек на време ќе успееме во тоа, но и при увоз на олдтајмери, тоа е еден светски проблем кој го решаваме и мислам дека неговото решавање ќе биде успешно, нагласи таа.

Околу регистрацијата на самите олдтајмери, како што додаде учесник на настанот, слична е состојбата и во соседна Србија. Тој додаде и дека многу малку се цени оваа историска оставштина од стари возила во земјите на Балканот.

- За жал, за поволна регистрација на овие возила, сѐ уште го немаме тој закон, моментално мислам дека е во процедура нешто во Парламентот, мислам дека до крајот на годината или почетокот на наредната, ќе се реши и тој проблем, затоа што сѐ потешко ги регистрираме, ги немаме тие АБС системи, издувни гасови и друго што се бара на технички преглед. Во главно, во некои земји мислам дека е подобро, бидејќи некој вози за викенд, некој 180 дена во годината, таму имаат некоја погодност при регистрацијата и поевтини се. Исто така, за жал, не се води сметка за оваа историска оставштина и  културно богатство. Сите држави кои доцнат во тој поглед, го губат тоа богатство бидејќи се продаваат возилата, изјави учесникот од Србија.

Тој по четврти пат учествуваше на изложбата во Делчево со култната шведска марка на возила „СААБ“.

- Четири години по ред сум во Делчево, инаку имам учествувано и во Скопје, исто така имаме одлична соработка со љубители на „Класик мини“ и други клубови од Македонија. „СААБ“ е култен модел, шведски, со кој Ерик Карлсон трипати по ред го освојуваше релито во Монте Карло во 70-те години од минатиот век. Има мотор четири кој без гасење има пројдено 360 илјади километри, редок мотор. Околу наградите, вчера бев на парадата во Бобошево, Бугарија каде имаше околу 80 возила, освоив прва награда таму, рече учесникот од Србија.  

Цветан Најденов од Бугарија е љубител на „трабант“, има колекција од 50 возила, а во Делчево присуствуваше со нов модел кој има поминато само 150 километри.

- Ме викаат доктор Зизи, а со „трабант“ се занимавам 50 години, имам околу 50 стари возила, не ме интересираат парите колку чини, тоа си е од внатре. За првпат сум тука, но, има добри возила. Оваа кола со која денес сум тука, беше подложена на комплетна реставрација, доведена до оригиналниот вид, со надворешна естетика оспособена за да биде нешто оригинално, во моментот нема поминато 150 километри. Ме поканија колегите од вашиот град да се видиме, дружиме, не само тука, туку и на маса, појасни Најденов.

Меѓу наградените на денешниот собир на олдтајмери, беше англискиот „морган“ на учесник од Скопје, „пеперугината феја“ на Ина Николова, „волга гас 22'“ на Сергej Сурков и „опел аскона“, сите од Софија, Република Бугарија, како и „форд конзул“, произведен 1960 година, кој за изложбата дојде од Србија. За останатите учесници, организаторите обезбедија медали и благодарници. По завршувањето на изложбата се одржа дефиле низ улиците на градот. вс/бд/

Фото: МИА

Остани поврзан