• понеделник, 16 март 2026

Одржана прва седница на Советот за превенција на Општина Кисела Вода

Одржана прва седница на Советот за превенција на Општина Кисела Вода

Скопје, 16 март 2026 (МИА) - Во Општина Кисела Вода денеска се одржа првата седница на Советот за превенција во нов состав, со кој претседава градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска. На седницата присуствуваа претставници од СВР Скопје, командирите на полициските станици Драчево и Кисела Вода, како и претставници од министерствата за здравство, транспорт, животна средина и просторно планирање, култура и туризам, образование и правда. Во составот се вклучени и директорите на сите општински основни училишта, соопштија од општината.

Како што беше истакнато на состанокот, примарна цел на Локалниот совет е унапредување на безбедноста на децата, младите и сите жители на општината преку рано идентификување на ризиците и координирано дејствување на институциите на терен.

Телото треба да обезбеди постојана меѓуинституционална соработка меѓу полицијата, образовните установи и надлежните министерства, со цел ефикасно одржување на јавниот ред и сигурноста.

– Постоењето и активното функционирање на ваков Локален совет за превенција е од суштинско значење за нашата општина, бидејќи овозможува сите релевантни институции да делуваат како еден механизам. На овој начин создадеме систем на рано предупредување и заштита. Нашата задача е да спречиме каква било закана по безбедноста на децата и граѓаните уште пред таа да се појави, истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Таа додаде дека само преку широка меѓуинституционална соработка и редовна комуникација може да се изгради средина во која секој жител на Кисела Вода ќе се чувствува безбедно. бк/вј/

Фото: Општина Кисела Вода

Остани поврзан