• недела, 22 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
16 мај 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 3 мај. Денеска е Св. маченици Тимотеј и Мавра. Овие маченици потекнуваа од Тиваида, а таму и живееа за време на царувањето на Диоклецијан. Тимотеј беше отец во тиваидската црква, а само неколку дена пред мачеништвото се беше оженил со Мавра. Тогаш настана прогон на христијаните и Тимотеј беше фатен и одведен кај управникот на градот. Од него беараа да ги предаде црковните книги, а кога светиот Тимотеј одби да ги предаде книгите што сам ги беше препишувал и во кои се наоѓаше небесната ризница, управникот го предаде на маки. Наскоро истата судбина ја снајде и света Мавра. Напосле, двајцата беа распнати на крст. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Иван Непомук. Бил роден во средината на 14-от век во Непомук во Чешка. Завршил студии по теологија и станал свештеник. Луѓето доаѓале кај него за да се исповедуваат. Сопругата за кралот Вјенчеслав Четврти, Софија го избрала Иван за свој исповедник. Кралот побарал од Иван да му каже за кои гревови се исповедала кралицата. Свети Иван го одбил поради исповедната тајна. Затоа кралот им го предал Иван на крвниците, а тие го фрлиле во реката Влтава, во 1393 година. Така Иван Непомук умрел поради верувањето во Господ, како жртва на исповедната тајна. ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР Времето за ифтар и суфур Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19 часот и 54 минути, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 3 часот и 10 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна. ###

Остани поврзан