Од верските календари
- 26 ноември 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 13 ноември. Денеска е Св. Јован Златоуст.
26 ноември 2020 (МИА)
ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 13 ноември.
Денеска е Св. Јован Златоуст.
Свети Јован Златоуст е еден од најголемите цариградски патријарси. Се роди во Антиохија, во 354 година. Во младоста ги изучи грчките философи, а се дообразува во познатата Антиохиска школа. По смртта на родителите, се замонаши и почна строго да се подвизува. По својата мудрост се истакна уште во Антиохија, па подоцна, по барање на цар Аркадиј, беше поставен за патријарх во Цариград. Бог го надари со дар на јасно расудување и убаво зборување, по кои едвај да е надминат од некого во историјата на Црквата. Се успокои во 407 година, во Ерменија. Од неговите мошти, главата се наоѓа во Успенската црква во Москва, а телото во Ватикан.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР
Денеска е Кралот Христос.
Со денешната недела завршува црквената година. Славејќи го празникот Кралот Христос, црквата не потсетува дека еден ден, ќе дојде и крајот на животот на земјата. Затоа е потребно да се извршуваат Божјите заповеди, за да може Кралот Христос на судниот ден, да не прими во своето кралство на небото. Познато е дека во текот на историјата се срушиле многу кралства, и многу кралеви ја изгубиле круната. Но, Кралот Христос ќе владее вечно, и неговото кралство никогаш нема да пропадне. И денеска се потсетуваме на Христовите зборови: "Се ќе помине, но моите зборови никогаш нема да пропаднат". Мудро е и спасоносно, значи, да го следиме Христос, бидејќи единствено Тој ќе не направи среќни со вечниот живот.
###