• сабота, 21 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
14 април 2022 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 1 април. Денеска е Преподобна Марија Египетска. Животот на преподобна Марија Египетска е еден од навпечатливите раскази во историјата на христијанската агиографија. Таа била родум од Египет и живеела во шестиот век. На 12-годишна возраст избегала од дома и се населила во Александрија. Суптилниот раскош на овој голем и славен град бргу ја восхитил девојката, па таа почнала со незгаслива жед да граба за себе што е можно повеќе од земните задоволства. Кога се доближила до возраста од околу 30 години, во нејзиниот живот се случува темелен земјотрес, пресврт кој ја преобразува оваа распусна и разуздана жена во една од најголемите подвижнички-пустиножителки во историјата на Црквата. Се повлекла во Египетската пустина, каде живеела се до својата смрт. За да не остане непознато ова чудесно животно сведоштво, Бог така ги наредил работите што еден монах по име Зосима ја сретнал во пустината оваа подвижничка, ја чул од неа нејзината приказна, а подоцна и ја запишал. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Велики Четврток. Вечерва Католичката црква го слави споменот т.е. денот кога Исус ја востановил светата миса. На денешен ден, пред две илјади години, во просторијата на Последната вечера тој над лебот рекол: Земете и јадете сите, тоа е моето тело кое за вас ќе се предаде. Над виното ги изговорил зборовите: Земете и пијте сите: Ова е мојата крв на новиот и вечниот сојуз која ќе се пролие за вас и за сите луѓе при простувањето на гревовите. Ова правете го во спомен на мене. Тогаш Исус востановил два сакрамента: света Миса и свештенички Ред. На Последната вечера, Исус на своите апостоли им дал власт да го прават истото т.е. да ја слават света Миса. Според светата Миса, Исус покажува дека е присутен меѓу нас. Тоа на посебен начин ја чувствуваат тие чисти и свети христијански души кои го примааат во света причест. ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР Времето за ифтар и суфур Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19:20 часот, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 4 часот и 10 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна. ###

Остани поврзан