• недела, 22 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
21 јуни 2021 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 8 јуни. Денеска е Духовден - Слегување на Духот Свети (Втор ден). Овој празник се смета за роденден на Христовата црква. Имено, пред вознесението Христос им порача на апостолите да останат во Еруса¬лим и да го чекаат слегувањето на Духот-Утешител. На десеттиот ден од Христовото вознесение, на еврејскиот празник Педесетница, Светиот Дух слезе врз апостолите во вид на пламени јазици, а овие се исполнија со сила и добија дар да зборуваат на разни јазици. Тоа е конкретниот настан. Но, за црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време па се до денес не ја напушта црквата. Духот е критериум за се што се случува во црквата и на општ и на личен план. Во таа смисла, Духот од оној ден во Ерусалим непрестано слегува врз црквата на Литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Алојзије Гонзага. Бил роден во дворецот Кастиљоне, во близина на Мантова. На 13-годишна возраст се одлучил да стапи во редот на исусовците. Во 1590 година во Рим избила епидемија на чума од која умреле 60.000 луѓе. Во Рим, тој им помагал на луѓето, па така и се заразил од болеста. Тогаш имал 23 години. Предаден на волјата Господова, умрел во 1591 година.

Остани поврзан