• понеделник, 23 декември 2024

Одбележана 75-годишнината од почетокот на Нирнбершките процеси

Одбележана 75-годишнината од почетокот на Нирнбершките процеси
Берлин, 20 ноември 2020 (МИА) - Денеска се одбележуваат 75 години од почетокот на судењата во германскиот град Нирнберг, на кои им се судеше на лидерите на таканаречениот Трет рајх, а притоа германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер го истакна значењето на овој настан за светската историја. -Судењето на водечките воени злосторници во Нирнберг беше револуција. Овој процес ја напиша не само правната, туку и светската историја, рече германскиот претседател. Тој додаде дека судењата во Нирнберг се важни за подоцнежниот пристап на меѓународното право. Меѓународното право до отворањето на овие судски процеси од пред 75 години беше прашање на државите, а не на поединците. Без судењата во Нирнберг немаше да го има ниту Меѓународниот суд во Хаг, рече Штајнмаер, пренесе Хина. Германскиот претседател додаде дека Меѓународниот кривичен суд во Хаг во последните неколку години беше цел на критики. -САД, кои во голема мера придонесоа за работата на Нирнбершките процеси во последно време активно работеа против Хашкиот трибунал, рече германскиот претседател. Комеморацијата во Нирнберг поради пандемијата на коронавирусот се одвиваше онлајн, а на собирот преку видо врска треба да се обратат еден од тогашните главни обвинители, Бенџамин Ференц, како и министрите за надворешни работи на земјите победнички од Втората светска војна. На 20 ноември 1945 година, во судската палата во Нирнберг почна судењето на главните обвинети за воени злосторства извршени за време на Третиот рајх, што беше избран, меѓудругото, затоа што тоа беше еден од ретките судови во Германија, кои останаа недопрени за време на војната. На обвинетите германски национал-социјалисти им се судеше по четири точки: воени злосторства, злосторства против човештвото, поттикнување на агресија и поттикнување или учество во злосторства против мирот. По една година судења, адвокатите од четирите победнички сили од Втората светска војна, САД, Советскиот сојуз, Велика Британија и Франција, на нацистичките лидери им изрече 12 смртни казни, седум затворски казни и три ослободителни пресуди.сд/

Остани поврзан