• вторник, 17 декември 2024

Објавен конкурсот за најдобра беседа во чест на Григор Прличев

Објавен конкурсот за најдобра беседа во чест на Григор Прличев

Охрид, 11 декември 2024 (МИА) – Охридската библиотека „Григор Прличев“ го објави конкурсот за годинaшната, трета по ред, награда за најдобра беседа што се доделува во чест на македонскиот поет и преродбеник и патрон на установата.

Наградниот конкурс годинава е на тема „Чувај се себеси“, на која творел и самиот Прличев.

Прличев често држел беседи пред охриѓани, а на крајот од една учебна година кога учителствувал во Охрид ја кажал токму беседата насловена „Чувај се себеси, што во 1866 година ја објавил и во весник.

На објавениот конкурс можат да се пријават со свои творби млади автори од 15 до 30-годишна возраст. Според пропозициите, беседата „Чувај се себеси“ не смее да биде поголема од три илјади зборови и треба да е напишана во фонтот „ariel 12“.

Творбите не смеат да содржат  политичка, етничка и верска содржина,  туку да носат универзална порака за мир, љубов, соработка. Авторските трудови претходно да не се публикувани.

Комисијата ќе ја оценува нивната уметничка, јазична и естетско – етичка содржина. Беседите до Комисијата се испраќаат исклучиво под шифра во печатена форма во три примероци до НУ Библиотека „Григор Прличев“ ул. „Македонски Просветители“ бр. 2, 6000 Охрид.

На авторот на најдобрата беседа, кој со посeбeн примерок ќе го докаже авторството, ќе му биде доделена парична награда од девет илјади денари и признание со ликот на Прличев, а ќе му бидат врачени на манифестацијата „Прличеви беседи“ што секоја година се одржува во февруари кога се одбележува годишнината од смртта на Прличев. аб/бак/

Фото: Плакат

 

Остани поврзан