ОБСЕ бара ослободување на притворените новинари во Белорусија
- Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Тереза Рибеиро ги повика белоруските власти веднаш да ги ослободат сите приведени новинари и вработени во медиумите во таа земја, наведувајќ
Виена, 3 јуни 2021 (МИА) - Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Тереза Рибеиро ги повика белоруските власти веднаш да ги ослободат сите приведени новинари и вработени во медиумите во таа земја, наведувајќи дека повеќето од нив се приведени за известување за јавни настани и други политички настани.
„Оваа систематска репресија на новинари и медиумски работници е флагрантно кршење на обврските на ОБСЕ за слобода на изразување и слобода на медиумите, кои Белорусија ги презеде како членка на ОБСЕ“, напиша Рибеиро во писмото до белорускиот министер за надворешни работи Владимир Макеи.
Таа ги посочи неодамна уапсениот уредник и коосновач на каналот во апликацијата Телеграм, новинарот Раман Праташевиќ и десетици други новинари и медиумски професионалци, вклучително и оние на списокот составен од Белоруското здружение на новинари.
Рибеиро додаде дека овие репресивни мерки имаат застрашувачки ефект, со тоа што ги обесхрабруваат другите да ја вршат својата работа без страв или одмазда, што доведува до самоцензура и влијаат врз можноста на независните медиуми да даваат информации до јавноста.
„Слободата за добивање и пренесување информации и идеи без мешање на власта без оглед на границите, вклучително и преку странски медиуми, е од огромно значење за демократското општество и е еден од основните услови за нејзин напредок и развој“, рече Рибеиро.
Таа смета дека сите неодамнешни случаи на насилство врз независни медиумски работници во земјата мора целосно да се истражат.
„Треба белоруските власти итно да ја прекинат сегашната клима на неказнивост кога станува збор за насилството врз новинарите“, рече Рибеиро. паг/