• недела, 22 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
28 февруари 2020 Од минатото на Малешевијата  Однесувањето на мажите и жените Во старо време моралот и кај машките и кај женските секогаш бил на високо ниво. Тогаш ретко каде се трпела невеста што нема деца (Ил’ ми роди, ил’ ќе земам друга!). Ако би се најдел некој неверен маж, тоа би била домашна тајна. На тоа неговата жена онака за себеси само би рекла: Бог да го суди! За девојката да ја чува својата невиност, денес најмногу влијание имаат свадбените обичаи, кога се оценува невиноста на девојката. Во свадбените обичаи речено е: што прават во понеделникот по свадбата деверите, кога ќе појдат во куќата на невестата. Ретки се случаите во Малешевијата, човек покрај својата жена во бракот да има и друга со која живее вонбрачно. И тие ретки случаи се случувале од времето на последните војни навамо. Во некои места и ако се најде по некоја извикана жена, таа обично е вдовица, или распуштеница (беганица). Реткост е некоја жена да живее со некој свој далечен роднина. Има некои случаи кога народот и одобрува на жената кога таа покрај својот жив маж ќе најде уште некој. На пр. имаше еден случај каде што жената се мажела за тројца и немала деца. И кога се омажила за четвртиот и пак немала деца, нашла некој човек надвор од бракот со кој имала две деца. Мажите обично строго внимаваат на женаите какво однесување ќе имаат кон странците, кога тие ќе дојдат во некое место (било на привремена или постојана служба). Тогаш тие се толку љубоморни дури се закануваат со убиство. Во Берово скоро имаше случај некоја девојка излажана од некој дојденец родила вонбрачно дете. Тој случај на сите мештани оставил мачен впечаток (од срам) и нејзините родители подолго време не смееле од дома никаде да излегуваат. Инаку женските деца од времето на својата зрелост добро се чуваат. Ако во селото има река, тие се капат одделно од машките, и тоа облечени во стари кошули и сукни. Жената се срами да влезе во напознато машко друштво и тука да се појави пред познат човек.- Исто така се срами и да го каже името на женската стока. Пред тоа да го каже ќе рече: страмота е. Во народот многу се внимава кој како живее. Се внимава и на свештените лица. На пр. свештеникот во Чифлик (стар 38 години) откако му умрела попадијата нашол една жена и ја донесол дома. Селаните тоа не можеле да го трпат и на собор решавале што да прават со свештеникот. Решението било да се тужи. Кога за тоа слушнал свештеникот ја истерал жената. Бидејќи немал кој да го гледа наскоро умрел. За време на турското ропство се чувале и од Турците: дали ќе нападнат на честа на жената на некој христијанин.- Се случило еднаш во Пехчево еден Турчин на минување и намигнал на една жена – христијанка. Еден пријател му кажал за тоа на мажот на таа жена и тој налутен дошол дома и сите работи од жената ги исфрлил надвор сакајќи ја ја избрка. Жената се нашла во чудо. Кога разбрала кој пријател тоа му го кажал на мажот го зела револверот, пошла во неговата куќа и го присилила да дојде и на нејзиниот маж да му каже дека го лажел. Тој тоа го направил, по што и мажот и простил на жената. Во постаро време свршената девојка половина година не се видувала со својот свршеник, ниту смеела тоа да го прави. Ако случајно некаде се сретнеле двајцата ќе поцрвенеле од срам и ќе побегнеле еден од друг. Значи чесноста во поглед на моралот во старо време била на завидна висина. Тоа се гледа и од овој случај. Кога на пр. се случило (по некоја потера) сите момчиња од некое место да побегнат во планината и таму да останат подолго време – девојките што ги сакале оделе кај нив да им однесат храна и да ги исперат и закрпат. Ниту една од тие девојки не е ни допрена. Кога подоцна тие момчиња се вратиле во селото секој од нив својата девојка ја зел за жена. (Тие девојки порано биле само свршени). Во тоа старо време кога човекот морал да оди некаде од куќата на подолго време (кираџилак, гурбетчилак, во планината кај стоката) неговата жена не смеела сама да оди ниту на посета, ниту во црква, туку тоа го правела само во друштво на свекрвата, деверот, или со некој друг возрасен човек од куќата, но сама никако. Во деновите на празници можела малку поубаво да се облече, но пак сама не смеела никаде да оди. И денес луѓето во Малешево се срамат да се бањаат голи во реката, и луѓето да ги гледаат. Ако се случи некоја девојка (од 14 до 18 години) да мора да оди во градот нешто да купи или да оди на воденица или валавица, со себе носи (според желбата на родителите) некое помало машко дете (или женско) кое ќе и прави друштво, за да не се случи некое машко да ја нападне. Според книгата „Малешево и Малешевци“ од Јеремије Павловиќ, Београд 1929 г. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан