• понеделник, 23 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
1 мај 2020 (МИА) Од нашето минато Пeчалбарството во село Брусник, Битолско Печалбарството во Македонија, општо, како и она од регионот на Битолско има долга традиција. Цариград бил првиот печалбарски град, а соседните земји Србија, Грција, Бугарија и Романија ќе се откријат откако ќе ја стекнат својата независност и откако економскиот подем во нив ќе ја избрише неразвиноста. Во последните децении на минатиот век ќе се отрие и САД, потоа и Австралија. Заминувањето одело во бранови. Силен печалбарски бран започнал паралелно со андартскиот терор. Во 1907 година осумте регистрирани егенти од Битола за САД и Канада ќе испратат 3.630 лица. Вториот /1918-1927/ ќе биде уште посилен. Брусничани главно заминувале за САД и Канада. Исклучоци ја откривале и Франција, а за Австралија во раниот печалбарски период не заминал ниту еден. Неквалификувани, без основно познавање на јазикот на туѓата земја, со други навики и обичаи, тешко и мачно се вклопувале во новата средина. Избирале главно физички работи и учеествуивале во подигањето на железнички пруги, работеле во јагленокопите, во фабриките а сосема малку се определувале, заради слабите заработувачки за работата што најдобро ја познавале – земјоделството. Ја прифаќале и кафеанската и ресторанската работа. Но ретки биле оние што имале сопствени кафеани и ресторани (еден од нив бил Пандо Андонов, кој во 1933 година во Детроит, во главната авенија Вудворд имал три ресторани). Во туѓа земја се концентрирале во колонии. Ги имало најмногу во Детроит и во Гери, Индијана. На печалба заминувале по оформувањето на семејството и по добивањето на првото или второто дете. Оној што еднаш бил секогаш планирал и за повторно заминување Мотивацијата била од материјални причини но и постојаниот и непреболен повик по побогатата и поразвиена средина. Банкарските и другите малверзации, големата економска криза, како и несоодветниот начин на живеење кој секогаш претпочитал испосништво им ги тенчеле заштедите или сосема ги банкротирале. Но имало поединци кои се враќале и како богаташи, еден од нив кој во Брусник донесол 3.200 жолтици искачувајќи се на тој начин на челното место на ранг-листата на богатите печалбари од Битолско бил Лазо Матловски – Кубуро. Во педесеттите години од овој век започнал и најновиот и најсилниот бран поврзан со иселеништвото. Скоро сите што се одлучуваат за напуштање на родната грутка заминуваат без повратен билет. Меѓу оние што заминале на привремена работа во Шведска, Германија, Франција и во други европски зедмји денес се раѓа и третата скоро наполно отуѓена генерација. Торонто во Канада станува нов иселенички центар, а Малбурн и Сиднеј во Австралија. Од книгата „Брусник“ од Александар Стерјоски, Брусник, 1992. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан