Обичаи и верувања
- Свети апостол и евангелист Марко Именден празнуваат: Марко... Светиот апостол и евангелист Марко е еден од четворицата евангелисти, автори на Новиот завет од Светото писмо. Роден е во Ерус
8 мај 2020 (МИА)
Свети апостол и евангелист Марко
Именден празнуваат: Марко...
Светиот апостол и евангелист Марко е еден од четворицата евангелисти, автори на Новиот завет од Светото писмо. Роден е во Ерусалим, според едни бил ученик на светиот апостол Петар, според други е еден од 70-те Христови ученици. Мајка му била побожна христијанка, сестра на апостолот Варнава. Во нејзиниот дом се собирале христијаните за молитви, а во нејзината куќа се одржала и светата Тајна вечера на Исус со апостолите.
Светиот апостол и евангелист Марко се дружел со светите апостоли Петар и Павле, со нив прошетал многу места каде што го ширел Христовото учење како што се Кипар, Рим и дуги места. Во Рим, под директно влијание на св. Петар го напишал Евангелието, за кое се тврди дека е напишано десет години по Христово Вознесение. Истражувачите истакнуваат дека ова евангелие било напишано за читателите од нееврејско потекло. Папиј, кој пишувал околу 130-тата година од н.е. укажува на Марко како на толкувач на Петар кој пак „точно ги помнел и запишал Христовите зборови и дела“. Ова е многу важно сведоштво бидејќи зборува за фактот дека Марко информациите ги добил од прва рака, т.е. од устата на еден од најблиските Исусови соработници.
По наговор на св. Петар заминал за Египет, во градот Александрија станал епископ и многу народ покрстил. Неговата популарност и особено заслугите за ширењето на христијанството не можеле да му ги простат неверниците кои насилно влегле во црквата, го врзале и го влечеле по патиштата додека не ја предал душата на Бога. Од месното население бил погребан во близината на Александрија, а подоцна побожните жители на Млетачката Република неговите мошти ги пренесле во Венеција и ги погребале во црквата изградена за таа пригода што го носи неговото име. И денес неговите мошти се наоѓаат во оваа црква, а тука има и ракопис на Евангелието по Марко за кое се смета дека е пишувано со неговата рака. Целото име на апостолот и евангелист Марко е Јован Марко, како што среќаваме сведоштво во Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука: „Откако се размисли, тој се упати кон куќата на Марија, мајката на Јована наречен Марко, каде што беа собрани многумина и се молеа.“ (Дела 12:12)
Евангелистот Марко настрадал во 68 година за време на владеењето на императорот Нерон.
Неговиот спомен се празнува на 8 мај/ 25 април и не се смета за тежок празник. Во Гевгелиско мажите работеле, а жените го држеле за празник. Се празнувал за заштита од град. Се верувало дека ако работат град ќе го отепа полето. Поради тоа никако не влегувале во бавчата или во лозјето.
Во селото Гореме, Светиврачко, овој ден бил празник на селото. Над селото имало мала височинка што се викала Кукувица и тоа место се сметало за свето место што е под заштита на светиот евангелист Марко. Не се знае од кога, но најверојатно од заселувањето на селото на овој ден, на тоа место се давало курбан за тој светител.
Курбаните се колеле денот пред празникот, односно на 7 мај. Пред да се заколеле курбаните свештеникот читал соодветни молитви. Кога ќе ги заколеле курбаните биела камбаната и престанувал секаква работа: орање, сеење, копање и др. Сите курбани се готвеле во големи селски котли под ридот Кукувица. За тоа време жените готват храна како: оризарник, баница, погача и др. Околу четири часот попладнето ја товареле храната на коњи и целиот народ одел на ридот Кукувица. Таму свештеникот светел вода и сите ги попрскувал со неа. Потоа ги кадел трпезите по што ја ставале храната. Мажите седнувале на софрите, а жените раздавале од храната. Откако ќе јаделе започнувале со ора и песни. На стемнување се враќале во селото каде што продолжувала веселбата до доцна во ноќта. Утрото на 8 мај, на денот на св. евангелист Марко, се служела божествена литургија, а потоа се правела веселба со ора и песни што траела цел ден.
Во селото постои и легенда за св. Марко. Легендата раскажува дека во турско време на селаните им било забрането на Марковден да одат во месноста Кукувица, и им било наложено вода да светат во селото. На местото Кукувица Турците направиле касарни и тука престојувала војската. Секоја ноќ на начелникот му се јавувал белобрад старец со бела капа на главата и на неа крст, во рацете држел патерица и многу го мачел неговиот син. Начелникот загрижен за страдањата на својот син пошол кај еден старец во селото и му ја раскажал својата мака. Овој веднаш се сетил дека тоа е светецот кој му се озмаздува затоа што забранил на неговиот ден да одат на местото Кукувица и да светат вода. Потоа повикале и свештеник кој му го кажал истото. Тогаш Турчинот го замолил свештеникот да свети вода на Кукувица и да ги попрска касарните и војниците со светена вода. „Се поклонувам пред тој ваш свет обред“, рекол Турчинот. Оттогаш веќе син му ништо не го мачело. Потоа на селаните им дозволил на ридот Кукувица да го изведуваат обредот и да светат вода како и порано. А кога се приближил празникот Турчинот подарил три овни да ги заколат за курбан на празникот Св. Марко. (Подготви Марко Китевски)