• петок, 22 ноември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
21 јануари 2021 (МИА) Свадбени обичаи од Скребатно (Охридско)  Кон свадбата во Скребатно отсекогаш се гледало како на најсвечен и најрадосен чин во животот, зашто на секој млад човек, тоа еднаш му се случувало во животот. Заради тоа, кон организирањето на свадбата се пристапувало мошне сериозно и одговорно, со желба задоволството на сватовите да биде на достојно ниво. Порано свадбите се правеле со мошне скромни средства за јадење и за пиење, но не изостанувал целокупниот ритуал околу правењето на свадбата. Поранешните морални норми не дозволувале да се сретнат момчето и девојката пред свадбата. Тие можеле само со погледи да си дадат до знаење дека можат да припаѓаат еден на друг, а конечниот збор го имале родителите. Врската се воспоставувала преку стројникот кој доаѓал во куќата на девојката за да ги праша родителите дали им е за мажење и дали ќе ја дадат за момчето што го испратило. Доколку се потврди тоа, се прави свршувачката, на која се разменуваат прстени и други подароци и се договара приќето за свадбата. Иако зборот и даден девојката и момчето не смееле да се гледаат и да се среќаваат се до свадбата. Свадбите во Скребатно обично се правеле во есенските и зимските денови кога веќе немало работа по нивјето и се враќале печалбарите. Во планинските предели невестите се качувале на коњи. На коњи привилегија имале да јават уште и свекорот, кумот, старосватот и деверите. Посебен коњ се носел за невестата. Посебна група коњаници сочинувале мустулџиите кои биле врската меѓу сватовите за време на свадбената церемонија Кога ќе наближувале сватовите кон куќата на невестата, мустулџиите ги боднувале своите коњи, за да им ја пренесат веста дека сватовите наскоро ќе дојдат. Потврда за тоа била размената на пагурчиња со ракија од двете страни. Свадбата се најавува уште во четвртокот, кога кај идниот зет се развева бајракот. Тоа е обично црковен бајрак, претежно со црвена боја, кој се закачува на чардакот и се пука три пати со пушка. Во саботата, преку денот, блиски млади роднини на зетот минуваат од куќа на куќа низ целото село со карта со вино, со која ги канат сите на свадба, без разлика на тоа дали се роднини или не. Картата е накитена со црвени шамии, пари и цвеќиња, а оној што ќе се напие од виното дава пари кои се закачуваат на картата. Вечерта кај зетот се меси „сваќата“. Ја замесува дете со прстенот од зетот, за да се раѓаат машки деца. Сваќата се носи утредента кај невестата каде што се заигрува и се крши на парчиња од кои земаат сите присутни, особено младите. Се прави веселба со музика, со која другарите го испраќаат својот другар во брак. Кај невестата сваќата се меси утредента во неделата, од страна на нејзините другарки. Таа се заигрува во куќата на зетот, при што се крши на парчиња за присутните. Утредента кога се качува зетот на коњот се фрлаат три пати пушки, со кои што се означува тргнувањето на сватовите. Исто така, се пука три пати кога сватовите ќе стигнат во дворот на невестата. Таму додека се сватовите во куќата, невестата не смее да излегува. Неа ја вадат нејзините најблиски и ја качуваат на коњ, при што ја преземаат помалиот и постариот девер од страна на зетот. Враќањето на сватовите во куќата на зетот се врши по друг пат. Невестата е покриена со црвен дулак, а се открива дури по венчавањето во црквата. Значи, при враќањето, невестата најнапред се носи во црквата на венчавање, а потоа во куќата на зетот. Кога ќе дојде во куќата на зетот ја пречекува свекрвата во тепсија, во која има машки гаќи. Од коњот ја сметнуваат деверите и ја предаваат на свекрвата. Невестата стапнува во тепсијата, а свекрвата и става два пешника леб под мишките и волна и сукало на појасот и ја понесува кон дома. На куќниот праг невестата со прстите намачкани со мед, над вратата, три пати прави крст и под јарем влегува внатре. Најнапред свекрвата ја удира со главата од тланикот за да седи дома, а потоа и дава сито да засее над ношвите, за да биде работна домаќинка. Пред да си легне со зетот таа им гувее на кумот и на свекорот и им потура вода да си ги измијат рацете за што тие и даваат пари .Откако ќе ја затворат невестата со зетот во одајчето, на вратата се кршат грнци, за да се раѓаат што повеќе деца. Утредента кај свекорот и кумот се носи невестинската кошула. Доколку невестата е чесна се дава топла ракија. Свадбата завршува со носењето на невестата на вода, каде што ги дарува роднините за зетот. Сите изведби на обредите се придружени со соодветни обредни песни. Тоа било така некогаш. Денес условите за правење на свадби се поинакви, а повеќе обреди и обредни песни веќе не се изведуваат. Од книгата „Скребатно“ од Димитар Смилески, Охрид 2005. (Подготви Марко Китевски)  

Остани поврзан