Обичаи и верувања
- Свето Благовештение – Благовец Празник на радосната вест и на пролетната убавина Празникот Свето Благовештение, меѓу народот познат како Благовец, Благоец, Блошчојне и сл. се смета за тежо
7 април 2021 (МИА)
Свето Благовештение – Благовец
Празник на радосната вест и на пролетната убавина
Празникот Свето Благовештение, меѓу народот познат како Благовец, Благоец, Блошчојне и сл. се смета за тежок празник. Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв Велигден“.
Именден празнуваат: Благоја, Блаже, Благојка, Благица, Блага, Благун ....
Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април според новиот, (или на 25 март според стариот) календар. Меѓу народот повеќе е познат како Благовец, Благоец, Блошчојне и сл. и се смета за тежок празник поради што тогаш не се работи. Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв ден Велигден“. Тогаш се оди на именден кај оние што имаат име Благоја, Блаже, Благојка, Благица итн.
Свето Благовештение е празник на Пресвета Богородица, но некои го сметаат и за празник Господов. „Празникот Благовештение на Богородица е воедно и Господов и Богородичен празник. Господов е бидејќи се однесува на Христа Господа, Којшто беше зачнат во утробата на Богорица, а Богородичен е бидејќи се однесува на онаа личност којашто придонесе за зачнувањето и вочовечувањето на Логосот Божји, т.е. се однесува на Пресвета Богородица“. Учењето за Богородица и учењето за Исус се неразделно поврзани зашто „кога зборуваме за Христа, не можеме да ја превидиме таа што Му даде тело, а кога зборуваме за Богородица, истовремено се осврнуваме и на Христа, зашто таа од Него црпи благодат и значаење“. Повеќе аспекти од чинот на Благовештението заслужуваат посебно внимание. Пред сè тоа единството на природното и натприродното во тој чин. „Тоа покажува дека зачнувањето и носењето во утробата, но и раѓањето Христово, се случија природно и натприродно. Натаприродно затоа што се случи творечки од Пресветиот Дух, а не со семе. Природно, затоа што носењето во утробата беше исто на начинот на којшто се носи младенец во утробата“.
Светото предание раскажува дека еднаш кога покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во книгата на пророк Исаија прочитала дека „Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануел“, возбудена помислила дека кога би знаела која е таа девојка би ѝ служела до крајот на животот. Во тој момент до неа долетал Архангел Гаврил кој ѝ соопштил дека таа е девојката одредена од Бога што ќе го роди Спасителот. „Радувај се благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените.“ А кога Света Дева Марија помислила: „Каков ќе биде овој поздрав?“, ангелот ѝ рекол: „Не бој се Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син и ќе го крстиш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече син на Севишниот и ќе му го даде Господ Бог престолот од неговиот татко Давида и ќе царува над домот Јаковов секогаш и царството негово нема да има крај.“ На тоа Марија зачудено прашала: „Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж?“ на што ангелот ѝ одговорил: „Светиот дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече син Божји“. (Лука 1/27-35).
Во чест на таа блага вест што ангелот ѝ ја пренесол на Света Дева Марија црквата го востановила празникот Свето Благовештение или Благовест што се празнува точно девет месеци пред Божик. Но нема попрецизни податоци од кога се празнува овој празник. Се знае сигурно дека се празнувал во 7 век, но некои сведоштва укажуваат дека тој се празнувал и неколку векови порано. Така на пр. постои податок дека во Назарет постоела црква во спомен на Благовест што ја подигнала царицата Елена на местото каде што се случил настанот Свето Благовештение. Има и друго сведоштво дека во Назарет точно на местото на кое Архангел Гаврил ѝ ја пренел на Богородица радосната вест била подигната црква во спомен на тој настан. А ако имаме цркви посветени на овој настан зошто да не претпоставиме дека имало и празник посветен на светото Благовештение, уште повеќе што овој настан отсекогаш имал значајно место во животот на христијаните. Значи, поточно би било ако се рече дека почетоците на овој празник датираат од крајот на 4 или почетокот на 5 век, а сигурни податоци за неговото празнување имаме од 6 и 7 век.
Како голем црковен празник празникот Свето Благовештение нашол значајно место и во народниот живот. Во таа смисла Марко К. Цепенков забележал дека „Во првиот ден кога го пратил Господин Бог ангело од небеси да је кажи оти ќе го роди Риста, беше се отворило небото, кога слегувал ангелот, од радост дека ќе појдел на земјата при Марија да је однеси благ абер. За оти се отворило небото тогај, било верно, чунки и ден денеска чекаат луѓе ноќта спроти Благоец да му се отвори и да сакат богатство од Бога.“ Меѓутоа, не само од небото туку и од земјата луѓето очекувале богатство на овој ден. Така на пр. некои луѓе на овој ден шетале низ полето и во планините и гледале да видат некаде од земјата да излегува оган и таму имало пари.
Поради тоа што Благовец е благ ден тогаш, се верува дека и раната не боли па на малите деца им ги дупат ушите за убетки. Во Гевгелиско ушите ги дупеле рано наутро уште додека не јаделе за да не добијат краста.
Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници, штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот, славејот и др. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег. За кукавицата се вели дека и таа радувајќи се на овој благословен ден отворала уста и кукала но никогаш не кукала пред Благовец како што пупал пупунецот. Се верува дека ако наутро гладен, како што се вели, на гладно срце слушнеш некоја од овие птици, ќе те разбие и не ќе имаш напредок во текот на годината. Затоа луѓето веднаш по станувањето каснувале барем еден залак леб. Во Радовишко ако луѓето ја чуеле кукавицата откако нешто ќе каснеле сметале дека тие ја „пребиле“ па три пати ќе ѝ викнеле: „Чух те пребих те“. Во Дебарца ако некого го разбила кукавицата на Благовец тој ѝ враќал на Ѓурѓовден кога ќе излезел пред сонце над селото и три пати ќе ѝ викнел: „Куку, куку, кукајце, кукајце, ти мене ме разби, сега јас те разбив“.
К. Шапкарев забележал дека во Охрид на Благовец саделе тикви, зашто верувале дека тиквите садени на овој ден ќе бидат многу благи. Во Кумановско, пак, според еден понов запис на В. Николов освен тикви саделе и лубеници, дињи, краставици, и друго велејќи: „Благовец е, ќе бидев благи“. Според верувањето Благовец е благ ден не само за луѓето, туку и за птиците, имањето, (домашните животни), за ѕверовите, па дури и за арамиите. Многу животни што ја преспале зимата на Благовец ќе се разбудат и ќе се размрдаат, ќе излезат надвор од пештерите, дупките и другите живеалишта за да го видат благиот ден и да му се порадуваат.
Иако во некои места веруваат дека змиите излегуваат на празникот Свети четириесет маченици, во повеќето краишта излегувањето на змиите се поврзува со Благовец. Марко Цепенков оставил прекрасен запис за излегувањето на змиите и за други верувања поврзани со нив.
„Во истиот ден Благовец, штотуку ќе босни сонцето и до што има змија во земјата сите ќе излезат да видат бел ден и благ ден. Не било возможно на ден Благоец да касни змија чоек, али имање. Гази и, тепај и, кошкај со ноѕе, ваќај и со раце, што сакаш прај му, не било чаре да те каснат, чунки биле блаѕи, како дено што је благ. Освен што не касаат змиите, ами и богасто големо извадуале од земјата надвор за да подарат на луѓето, оти му ја стопли Госпо земјата и му ја облагна. Мнозина луѓе одат по полина и по планиње во зората на Благоец и вардат од кај ќе излези царицата или царо на змиите од некое дувло кај што лежат. Царицата на змиите имала рокчиња на глаата што чинеле со кули азно. Царицата била ногу голема и испраена одела, рокчињата и светеле како некој најсилен жар дури молскотеле толку што светеле. По царицата оделе илје и милје змии. Ќе прошетала до некаде ќе поседела малце да се постопли на сонцето и да се понарадува на благио ден и пак ќе си влезела во дувлото од кај што излегла. Ете тогај да ја разгелдисаш царицата на змиите, кога ќе излезе од дувлото, или кога ќе влезе тики да не се уплашиш и врли си алиштето згорно пред царицата и врвејќи таа над алиштето ќе ти остаи рокчињата. Едни ми кажале оти бесценети камења в уста носела и оставала на посланите алишта. Било рокчиња, било бесценети камења, арен ќелепур имало, ама кој можи да ја разгелдиса царицата и да не се уплаши од илјадниците змии што се влечкаат по неа, та да си врли алиштето и да добие богасто.“
Слични верувања поврзани со Благовец запишал и Е. Каранов. Тој вели дека на Благовештение сите змии се собираат на големи купишта, тогаш и царицата им, излегува од дупката и таа има на главата камче, и оттогаш змиите не касаат. И Каранов сведочи дека на Благовец змиите не касаат и дека на овај ден ако и ја пресечеш главата на змијата и ја закопаш во земјата, потоа одгоре насадиш босилок, тој босилок е многу лековит.
Иако паѓа во тешките велигденски пости на Благовец се јаде риба. Дури тоа се смета и за потребно. Стефан Тановиќ забележал дека во Гевгелиско тоа се правело за здравје. Затоа и сиромасите се труделе да купат риба. Ефтим Спространов забележал дека во Охрид се сметало за греота ако не касне чоек рибино тој ден. Макар да излижат некоја коска, ама „да се облажет со рибино“.Во Дебарца пак на Благоец рано наутро јаделе мед. Тие пак што немале мед правеле пресна погача печена во фурна и на сите им делеле по едно парче.
Во Тетовско, како што пишува во една патописна белешка објавена во цариградскиот весник „Новини“ од 1891 година Благовештение многу свечено се празнивало во селото Елошник. Еден час над Елошник, пишува А. Стојанов во овој напис, во планината има урнатини од стар манастир кој се викал „Благовештение“. Секоја година на 25 мај (с.с.) населението од Елошник и од неколку околни села одат кај таа урнатина и вршат водосвет. Одејќи по патот свештениците облечени со свештеничка облека носат еден голем крст и пеат песна во која народот, најпрвин мажите, потоа жените допеваат: „Господи помилуј“. Еве ја таа песна:
Свети Петар крста носи,
Свети Илија стои та гледа.
Господи помилуј (2)
Свети Илија стои та гледа,
Што е ова убавина!
Господи помилуј (2).
Све рисјани гологлави,
Гологлави Бога молат.
Господи помилуј (2)
Да се роди све берикет,
Све берикет злато и сребро.
Господи помилуј (2)
Злато и сребро, вино и жито,
Вино и жито, мʼжки деца.
Господи помилуј (2)
Свака лоза ведро вино,
свака жена мʼжко дете.
Господи помилуј (2)
Свака крава ведро млеко,
свака овца две јагʼнца.
Господи помилуј.
По водосветот околу урнатините на манастирот се ставале долги трпези на кои седнувале сите присутни. Бидејќи празникот Благовештение секогаш е во Велигденските пости и не се јаде месо, поради тоа нема обичај да се коли курбан. Ова празнување се вика „ордија“ како што се вика и во другите села. Но во другите села овој обред (ордија) се прави на други празници кога се мрси поради што се принесуваат за жртви животни и се гоштеваат со месо. Заедно со јадењето се пие многу вино. По јадењето, вели авторот А. Стојанов во овој напис, следува орото без кое нема празнување во селата.
На Благовец излегувале арамиите зашто верувале дека ако излезат на тој благ ден ќе спечалат многу благота, многу пари и нема да им се стори некоја штета.
Пофална песна за Пресвета Богородица
Богородице Дево, радуј се благодетне Марие, Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените и благословен е плодот на Твојата утроба, зашто си го родила Спасителот на нашите души.
Тропар: Свето Благовештение
Денес е почетокот на нашето спасение и откривање на вечната тајна. Синот Божји станува син на Дева и Гаврил објавува блага вест. Затоа и ние да извикнеме кон Богородица: Радувај се Благодатна, Господ е со тебе! (Подготви Марко Китевски)