• понеделник, 23 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
15 февруари 2021 (МИА) Сретение Господово  Средбата меѓу побожниот старец и спасителот на светот Меѓу дванаесетте големи христијански празници спаѓа и празникот Сретение Господово, што секогаш се празнува 40 дена по Рождество Христово. Според еврејските закони жената што родила машко дете се сметала нечиста 40 дена по породувањето, а таа што родила женско 80 дена. Потоа морала да појде во црквата и да даде јагне за откуп на гревовите. Сиромасите наместо јагне давале две грлици или два гулаби. Според овие обичаи и Богородица на 40-тиот ден по раѓањето го однесла Исуса во црквата за да го посвети на Бога, а самата да се очисти. Во тоа време во црквата служел праведниот свештеник Захариј, таткото на св. Јован Крстител. Тој ја ставил Богородица на местото за девојките, а не за жените. Во тоа време таму затекнала еден побожен старец по име Симеон кому претходно светиот дух му беше претскажал дека нема да умре сè додека не го види Спасителот. Светото предание раскажува дека тој е еден од 70-те преведувачи на Стариот завет од Светото писмо и дека ја преведувал Книгата на Исаија. Кога стигнал до 14 стих од 7 глава на оваа книга прочитал: „Затоа самиот Господ ќе ви даде доказ: ете девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануал...“ (Исаија 7/14) Помислил дека се работи за грешка и се обидел да го исправи зборот Д е в и ц а но ангел Господов му ја фатил раката зборувајќи му: „Напишаното е точно, затоа ништо не поправај! Ти нема да умреш додека со свои очи не го видиш исполнувањето на тие зборови“. Тој ден Светиот Дух посебно му соопштил на Симеона дека токму тогаш ќе го види Спасителот. Кога Богородица со Исуса пристигнала во црквата старецот Симеон возбуден го подигнал малиот Исус и му благодарил на Бога велејќи: „Сега го отпушташ својот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои; зашто очите мои го видоа спасението Твое; што си го приготвил пред лицето на сите народи: светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израилот“. Потоа Симеон ѝ ги претскажал на Богородица страдањата на нејзиниот син, што ќе бидат причина и за нејзините страдања. „А на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца“. (Лука, 2/29-32) Во тоа време во храмот влегла и пророчицата Ана, побожна старица на осумдесет и четири години која знаела за раѓањето на Спасителот. „Во тој час пристапи и таа и почна да го слави Господа и им прикажуваше за него на сите што чекаа спасение на Ерусалим“. (Лука 2/38) Фарисеите присутни во храмот се налутиле на Захариј што Дева Марија ја ставил на местото на девојките и за тоа го известиле царот Ирод кој се посомневал дека новороденото е Спасителот за кој му зборувале мудреците од Исток поради што веднаш испратил луѓе да го убијат. Но ангелот претходно му соопштил за опасноста на светото семејство и тоа веќе било на пат кон Мисир (Египет), подалеку од дофатот на злогласниот цар Ирод. Во спомен на оваа средба на Исус и Богородица со праведниот старец Симеон и пророчицата Ана во црквата, востановен е празникот Сретение Господово, што секоја година се празнува на 15 /2 февруари. Овој празник се празнувал од самиот почеток, но посвечено празнување е востановено особено од 544 година за време на царот Јустинијан. Како што можел да го избегне обрезанието, Исус можел да го одбегне и овој чин што значел очистување и за мајката и за детето. Но Исус секогаш ги потврдувал законите и со тоа со личен пример покажувал како треба да се почитуваат обичаите и законите. „Бидејќи Он Самиот-Логосот Божји му го даде законот на Мојсеј, кога ја прими човечката природа требаше да го исполни, за да не изгледа како престапник на Законот. (...) Исто така, според Гругориј Палама Христос немаше потреба од очистување, бидејќи очистувањето беше востановено како закон во Стариот завет и за родителите и за родените, но тоа го направи поради послушност кон Законот што Он самиот го даде. Христос немаше потреба од очистување, затоа што беше зачнат бессемено и се роди нетрулежно. „Во секој случај немаше потреба од очистување, туку тоа беше дело на послушност.“ Значи ниту Богородица била нечиста, ниту нејзината рожба. Тие дошле во храмот само за да се исполни законот. На иконата се гледа старецот Симеон кој во рацете го зема малиот Исус, а се гледаат и Богородица, пророчицата Ана и свештеникот Захариј како и двата гулаба што Богородица ги принесла како жртва. Следниот ден по Сретение Господово односно на 16/3 февруари Светата црква го празнува споменот на старецот Симеон и пророчицата Ана. Меѓу народот се вели дека Сретение е празник кога се сретнуваат зимата и пролетта и дека по овој празник не може да има такви студови како пред него. Тропар Сретение Господово Радувај се, благодатна Богородице Дево, зашто од тебе изгреа Сонцето на правдата ‒ Христос нашиот Бог. Кој ги просвети оние што беа во мракот. Весели се и ти, старче праведен, зашто си го примил во прегратките ослободителот на нашите души, Кој ни дарува воскресение. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан