• понеделник, 23 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
26 мај 2020 (МИА)  Ој, лилеш (Ојлилешки) во Вевчани Ритуалот „Ој, лилеш“ се изведува во кое било време од годината кога се посакува дожд. Обично тоа е во сушните летни месеци. Тоа се чини на барање на постартите луѓе кои се жалат на сушата. Тогаш се организира поголема група девојчиња на возраст од 5 до 15 години кои се прават „ојлилешки“ и се молат да заврне дожд. Од групата се одредува едно девојче на возраст од 10-11 години кое се облекува во стара женска облека над онаа што ја носи, секојдневната. Другите девојчиња ја китат неа со кукурци. на главата и ставаат исто таков венец, а потоа ја прскаат со вода. Водата ја носат во котлиња и ѓумчиња. Прскајќи ја тие пеат. Тоа го чинат по сите дворови, а таму домаќините им даваат вода за дополнување на ѓумчињата. Со себе девојчињата носат и 3-4 торби како и едно котле. Бо торбите збираат брашно (пченично и пченкарно), потоа шеќер, а во котлето сало (свинска маст). Од брашното тие месат погача или колачиња (слатки). Тоа го подготвуваат во некоја куќа која што има кланик (тланик, огниште). Во колачињата додаваат и сода бикарбона. Од пченкарното брашно прават питулица, а од пченичното, кое се вика и чисто брашно ги месат колачињата. Откако ќе го подготват сето тоа заеднички го јадат. Одејќи по дворовите тие пеат повеќе песни кои во основа ја содржат молбата кон Бога да зароси ситна роса. По пеењето често се случувало и да заврне. Еве некои од тие песни: 1. Дај ми, Боже, ситна роса, да поросиш бериќетот, ој лиле, Господе! 2. Ој додоле, додоле. Додолица Бога моли, ој љуле, да зароси ситна роса, ој љуле, да пороси бериќетот, ој љуле, бериќетот, вино, жито, ој љуле, да се ранат сиромаси, ој љуле. 3. Крсти носа Бога моља дај ми Боже, ситна роса, да се роди дар бериќет, да се ранет сиромаси, сиромаси, сирачиња, Ои’кирле, ој љешо! Освен обичајот со прскање со вода што го чинеле девојчињата со што посакувале дожд, тоа тие го чинеле и со правење крстови на земјата. Сите овие обичаи веќе одамна не се изведуваат, но се спомнуват дека често се правеле во минатото. Од книгата „Светилиштата во Вевчани“ од Анастас Ќушкоски, Струга 2002. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан