• петок, 22 ноември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
11 јуни 2020 (МИА) Народни верувања од дебарско  За да се отстранат сите нечисти духови и болести, како и несреќите, на сите куќни врати, во средината на горниот крај, направен е по еден крст од катран. Секоја куќа има своја абдесана, а тоа е место каде што се мијат куќните и каде што се мијат садовите, а покрај неа оставаат и посебно место за трошки; - за абдесаната и местото за трошките веруваат дека е свето, и ако тука човек се испогани - би нагазил. Секоја куќа било на кровот од куќата или на ѕидот на авлијата чува по една чуваркуќа. Тие веруваат дека чуваркуќата не им дозволува влегување во куќата на нечистите суштества, а дека тоа е вистина доказ е името чуваркуќа. На прво место секоја куќа има бавча, прво се сее босилок (босилек), па потоа друго цвеќе. Тие веруваат дека бослокот е божји цвет, па затоа со него ги китат домашните и црковните икони како и умрените и нивните гробови. Секоја куќа за зимно време приготвува туршија од краставици, пиперки, патлиџани, зелка и грозје (гројзе), па кога на некој гостин ќе му изнесат, а ако тие гости се жени, тогаш прво се вели: машала, па потоа се пофалува дека имаат вкусна туршија, а тоа го прават затоа што веруваат, ако не речат машала дека туршијата ќе се расипи. Кога се чисти со метла, ако некој од домашните при чистењето се допре до неа, тој или таа плукнува на метлата три пати; ако тој што седи биде прескокнат, лицето што го прескокнало, се повраќа назад- да го отскочи, тоа го прават затоа бидејќи веруваат дека лицето допрено со метлата и пресконато веќе нема повеќе да расте. Ако некоја вештица урочи човек, жена, дете или животно, веднаш треба - штом тоа ќе се забележи од нејзината облека да се откине нешто, а тоа што ќе се откине треба веднаш да се запали и да се покади урочениот бидејќи веруваат дека од тој чад урокот веднаш престанува. Кога грми веруваат дека тоа го прави свети Илија, та заради тоа во стреата оставаат секира и едно јајце за да ги чува од гром. На кокошките не им даваат сол, бидејќи веруваат дека од солта не несат јајца. Ако во некој крај на градот или селото дојде був и ако се задржи кратко време на кровот или оџакот насигурно се уверени дека некој во таа куќа ќе умре. Кога навечер петлите прв пат ќе пропеат, веруваат дека тогаш почнуваат да излегуваат нечистите духови, вампирите итн., а штом пред зора ќе пропеат петлите, тогаш тие заминуваат и дента нив ги снемува на земјата, та затоа пред тоа време многумина никаде не поаѓаат, плашејќи се од каква и да е несреќа. Кога владее гушоболка (дифтерија) за да би се зачувале децата од таа лоша болест им даваат низ свински грклан да пијат по малку од својата мочка, верувајќи дека од тоа детскиот грклан ќе биде здрав како и свинскиот и дека со тоа ќе се направи детето да се зачува од гушоболка. Кога сонуваат вошки, веруваат дека ќе најдат многу пари. Кога сонуваат дека на сон има паднал заб, а не ги болело, веруваат дека некој од нивната роднина ќе умре, а ако при испаѓањето забот ги болел, тогаш ќе им умре некој од домашните. Истото значење има и кога се сонува дека еден чевол им испаднал или им останал во калта. Ако на некој по една силна дневна вообразеност на сон му се сони дека на некое место има пари, тогаш штом ќе стани не треба на никој да му го кажува сонот, туку молчејќи треба да отиде на тоа место каде сонил дека има пари, па да копа во земјата дотогаш дури не се најдат парите. А ако се каже сонот на некој, тогаш парите во јаглен ќе се претворат. Кога ќе дојде страчката в куќи или в градина, тогаш веруваат дека брзо ќе добијат некој гостин или гости. За јаболчето на гркланот веруваат дека настанало од брутот што Циганот го проголтал кога му порачале да направи за Исус Христос и тој направил еден повеќе, а бидејќи не можел на друго место да го скрие, тој го проголтал и му застанал во грлото па така настанало јаболчето. Дека Дебраани се бистри луѓе, тие тоа го потврдуваат со едно верување за Настрадион-оџа. Кога Настрадин-оџа тргнал за Дебар тој мислел дека таму ќе прави тоа што по другите градови правел. Кога се приближил до Дебар на патот сретнал еден Дебарчанец и бидејќи го задржал, го прашал: - Аман жити Господ, има ли нешто во Дебар кое би можело да се купи за десет пари и од него чоек добро да се најаде па да може после пак да го продаде за десет пари? Дебарчанецот му одговорил: - Има и можеш да купиш за десет пари едно чкембе, и откако ќе го изедеш изметот, ако сакаш да го продадеш чкембето, секој за десет пари ќе го купе. Штом Настрадин-оџа добил ваков одговор веднаш се вратил од патот и повеќе никогаш во Дебар не доаѓал. Веруваат дека наспроти Водици, околу полноќ дрвјата врвовите ги свртуваат надолу, а корењата нагоре, а ако пак човек во тоа време на ноќта излезе и од Господ бара пари на овој начин: „Господе, дај ми или шиник (мерка за жито) пари, или шиник глава“ - па од овие две работи од Господ едно се добива; та затоа сите се плашат да побараат да не би добиле наместо шиник пари шиник глава. Болните веруваат дека ќе оздравет ако в црква за време на великиот вход на камењето (на подот) полегнат. Штом ќе настапи пролетта доаѓаат две птици преселници: кукавицата што кука и турлицата што турлика, па од нив се вардат науатро да не им го слушнат гласот кога се гладни, затоа штом се стане веднаш се зема прво еден залак леб, кој се изедува, и ако потоа ја слушнат кукавицата и турлицата не е опасно, бидејќи не се измамени. Тој што ќе биде измамен, кога гладен ќе го слушне нивниот глас, веруваат дека цела година ќе биде несреќен. За кукавицата што е црна и што кука веруваат дека тоа го прави за својот брат затоа на жена и се вели која жала: „доста кукаш кукавице“. Ако на трговецот в дуќан му стапи Еѓуптин првпат нешто да купи, тогаш трговецот верува дека тој ден ќе има доволно пазар. За ајдутите веруваат дека нив куршум не ги дупи бидејќи во телото има чесно дрво кое е големо колку пченично зрно. Чесното дрво откако ќе се исече кожата се става внатре и се сошива. Кога сошиеното место потполно ќе зарасти, тогаш чесното дрво шета по телото и го брани од куршуми. Според книгата „Народни умотворби од Дебар и неговата околина“ од Михајло Велиќ, Скопје 2000 г. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан