• вторник, 17 декември 2024

НУ Музеј Куманово со бројни настани, изложби, активности одбележува 60 години од постоењето

НУ Музеј Куманово со бројни настани, изложби, активности одбележува 60 години од постоењето

Куманово, 11 декември 2024 (МИА) - Националната установа Музеј Куманово организира бројни настани, изложби, промоции на нови публикации, едукативни програми и други културни активности во чест на шеесет години од постоењето на установата, соопштија денеска од Музеј Куманово.

- Музејот е еден од најзначајните културни центри на нашата република, и има долгогодишна традиција во собирање, чување, истражување, документирање и презентирање на културното наследство на Куманово и неговата околина. Во континуиран растеж, преку своите изложби, промоции, едукативни програми и други културни и уметнички активности, НУ Музеј Куманово ја докажува својата трајна посветеност кон збогатувањето на индентитетот на Куманово и Македонија, изјави ВД директорот на установата Марија Живачки.

По повод 60-годишниот јубилеј, Музеј-Куманово подготви специјална програма за граѓаните и љубителите на културата, меѓу нив изложбата „Сеќавања на археолозите Блажо Ѓеорѓиевски, Ленка Трајковска и Јовица Станковски, Уметничка галерија Куманово“ која ќе биде поставена до 13 декември. Во чест на шеесетгодишниот јубилеј изложба ќе има и светскиот реномиран академски уметник, Синиша Кашавелски кој ќе изложи свои дела од 16 до 20 декември. Самата установа во уметничка галерија Куманово ќе ја презентира изложбата за развој на музејот и неговите постигнувања на 21 декември. Кумановци ќе имаат можност да ја проследат и изложбата 50 години јубилеј ликовна колонија „Куманово“ (1974-2024), уметничка галерија, од 25 декември се до 23 јануари, идната година. Во чест на јубилејот Музејот организира бесплатен влез на постојаната музејска поставка во тек на цел декември.

- Национална установа Музеј-Куманово останува посветена на својата мисија и во иднина да ја пренесува културната меморија на идните генерации. Јубилејот не е само време на прослава туку и можност за поставување на нови цели и уште поголем придонес кон културата и културното наследство, додава Живачки.

Музејот е основан во 1964 година и оттогаш преку своите изложби и активности, игра важна улога во чувањето на историските сведоштва, уметничките и етнолошките колекции. Тој е дом за бројни археолошки, етнолошки, историски и уметнички предмети кои ги отсликуваат различните периоди од развојот на овој регион. Со настаните организирани во чест на јубилејот се слават значењето и придонесот на установата за развој на македонската култура. ам/мч/

Фото: МИА

Остани поврзан