НУ Музеј Куманово и Обединетата македонска дијаспора потпишаа меморандум за соработка
- Оваа соработка претставува значаен чекор кон модернизација на музејската работа и унапредување на научноистражувачките процеси. Во таа насока, Музеј Куманово се заблагодари за донацијата на современа ИТ-опрема наменета за археолошкото одделение.
Куманово, 16 март 2026 (МИА) - Музеј Куманово и Обединетата македонска дијаспора (United Macedonian Diaspora) потпишаа меморандум за соработка - информираа денеска од НУ Музеј Куманово.
Со потпишувањето на меморандумот, додаваат од Музејот, се поставува цврста основа за продлабочување на заедничките активности во областа на истражувањето, заштитата и промоцијата на македонското културно наследство.
Оваа соработка претставува значаен чекор кон модернизација на музејската работа и унапредување на научноистражувачките процеси.
- Во таа насока, Музеј Куманово изразува искрена благодарност за донацијата на современа ИТ-опрема наменета за археолошкото одделение - информираат од Музејот.
Новата опрема ќе овозможи поефикасна дигитализација на музејските предмети, како и обработка и анализа на обемни бази на податоци добиени преку современи снимања со LIDAR-технологија, што претставува значаен придонес за современото проучување и заштита на археолошкото наследство.

- Особена благодарност упатуваме и до големите вљубеници во македонската историја - семејството Трајкови од Вашингтон, чија посветеност и поддршка беа клучни за воспоставување на оваа соработка. Нивната иницијатива претставува уште еден силен пример за значајната улога на македонската дијаспора во поддршката на културните и научните институции во татковината - велат од НУ Музеј Куманово
Со ова партнерство се отвораат нови можности за развој на современи проекти, дигитална презентација на културното наследство и зајакнување на врските помеѓу институциите и македонската дијаспора во светот. ам/ев/
Фото Музеј Куманово