• вторник, 05 ноември 2024

Нов Центар за деца во ризик и Прифатен центар за деца-минувачи во рамки на ЈУ за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение

Нов Центар за деца во ризик и Прифатен центар за деца-минувачи во рамки на ЈУ за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение
Скопје, 29 јануари 2021 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска беше во посета на Јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение, каде во моментов во завршна фаза е реконструкцијата на дел од овој објект и негова пренамена, по која наскоро треба да почнат да функционираат Центар за децата во ризик и Прифатен центар за деца-минувачи. Во  Центарот  за децата во ризик ќе им се обезбеди помош, заштита, социјализација и надзор, со примена на соодветен, краткотраен и интензивен психо-социјален третман. Центарот во најмал временски период со примена на интензивни методи, треба да изврши позитивно влијание врз личноста и поведението на детето, да се разрешат неговите основни развојни проблеми, да се надминат последиците, да се делува на развивање на неговите потенцијали, со цел за негова успешна интеграција во социјалната средина. Во Прифатниот центар за деца-минувачи ќе се обезбеди заштита на децата во ризик на возрaст од 7 до 18 години, кои од разни причини ги напуштиле своите домови или установи за социјална заштита и се нашле во ситуација на социјален ризик, ќе се обезбеди нужно згрижување на децата во ризик и утврдување на нивниот идентитет, ќе се откриваат причините кои го довеле до положбата во која се нашло детето и предавање на органот за старателство, родителот или органите на МВР, и известување на надлежниот Центар за социјална работа, и ќе се формира едукативен центар за родители на деца во ризик. Престојот на децата во овој центар ќе трае најмногу до седум дена, а во исклучителни случаи и повеќе. За ваквите исклучителни случаи, по истек на седмиот ден се известува Центарот за социјална работа. Приемот на децата во  овој центар  ќе се врши по предлог на органите за внатрешни работи, центрите за социјална работа и други државни органи и организации. Министерството за труд и социјална политика, преку процесот на деинституционализација како дел од социјалната реформа обезбеди сместување и живеење на сите деца сместени во големите институции во мали групни домови. На овој начин, на децата со воспитно-социјални проблеми и децата во судир со законот им се обезбеди сигурна средина за живеење, организиран стручен пристап во насока на промена на  атипичното однесување кон подобро и позитивно, максимално развивање на нивните  потенцијали и потреби, како и вклучување во воспитно-образовниот систем. сст/скс/

Остани поврзан