• недела, 22 декември 2024

Ново издание на „Црвениот коњ“ од Ташко Георгиевски

Ново издание на „Црвениот коњ“ од Ташко Георгиевски
Скопје, 12 април 2022 (МИА) - Во едицијата Современа македонска проза, книгоиздателството „Матица македонска“ од Скопје објави ново издание на романот „Црвениот коњ“ од Ташко Георгиевски. Со реобјавувањето на ова дело, издавачот ја одбележува десетгодишнината од смртта на познатиот писател. Ташко Георгиевски беше предводник на групата значајни македонски писатели Петар Ширилов, Паскал Гилевски, Иван Чаповски, Ката Мисиркова-Руменова, Петре Бицевски, Ристо Јачев, Ташко Саров, Методија Тошевски, Коле Мангов, Стојан Кочов, Петре Наковски, кои континуирано и егзалтирано пишуваат за грозоморниот терор врз невиното и незаштитеното македонско население. Според главниот уредник на изданието Раде Силјан, Ташко Георгиевски како писател од голем формат создаде нов литературен топоним, градејќи во низа приказни за животот на прогонетите Македонци по поразот на демократските сили за време на Граѓанската војна во Грција. - Неговите херои потекнуваат од народните низини и страдаат поради самата помисла дека се Македонци. Всушност, нив ги следи мракобесната сенка на злото од самото раѓање па сѐ до смртта. Многумина од нив се помируваат со судбината и очајнички потклекнуваат пред теророт. Тие се приклонуваат кон толпата, која по силата на законите го менува својот облик и идентитет. Но, кај повеќето херои чинот на опстојувањето е секогаш во одбрана на личното достоинство, а преку тоа достоинство се отсликува и националната гордост, констатира уредникот Силјан. Ташко Георгиевски - Кронцелево, Егејска Македонија 1935–2012, Скопје, е автор на книгите Ние зад насипот, Ѕидови, Луѓе и волци, Суви ветрови, Црно семе, Змиски ветар, Време на молчење, Куќа под калето, Рамна земја, Црвениот коњ, Жолтиот трендафил, Плочата на животот, Кајмакчалан и др. Според сценарија на неговите романи снимени се играните филмови Црно семе, Црвениот коњ и Преку езерото. Неговите дела се преведени на француски, англиски, грчки, бугарски, српски, словенечки, романски, руски, ерменски и турски јазик. За неговиот богат творечки опус беше добитник на наградите „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Стале Попов“, „Рациново признание“, „Ванчо Николески“ и „23 Октомври“. Ташко Георгиевски беше член на Македонската академија на науките и уметностите. бт/са/

Остани поврзан