• недела, 26 јули 2026

Ново издание на меѓународниот музички камп „Етно Македонија“ во Битола

Ново издание на меѓународниот музички камп „Етно Македонија“ во Битола

Битола, 20 јули 2026 (МИА) - Во Битола почна музичкиот камп „Етно Македонија“, на кој годинава учествуваат млади музичари од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Холандија, Турција, Белгија, Португалија, Шведска и Шпанија.

Младите музичари за време на кампот ќе подготват концертна програма создадена од традиционални песни и мелодии од нивните земји, информираа од Музичкатс младина на Македонија, организатори на кампот.

- Учесниците доаѓаат со по една песна или мелодија од својата музичка традиција, а потоа ја пренесуваат на другите без ноти - преку слушање, повторување и заедничко музицирање. За само неколку дена тие учат да пеат на повеќе јазици, да ги совладаат непознатите ритми и да разберат што раскажува секоја песна: дали станува збор за љубов, славење, разделба, секојдневниот живот или за некоја приказна зачувана со генерации. Работилниците се интензивни, но исполнети со многу смеа, љубопитност и меѓусебна поддршка - информираа организаторите на кампот. 

Завршниот концерт на учесниците на кампот е закажан за 23 јули во рамките на 56. издание на фестивалот „Илинденски денови“. мт/са/

Фото: Музичка младина на Македонија