• понеделник, 23 декември 2024

Новото раководство на кумановските пензионери ќе се залага за транспарентно работење

Новото раководство на кумановските пензионери ќе се залага за транспарентно работење
Куманово, 3 април 2023 (МИА) - Новото раководство на кумановските пензионери ќе се залага за унапредување на положбата на пензионерите, бесплатно здравство за повозрасните членови, локално здружување, информираа денеска од кумановското здружение. За претседател на кумановското здружение е избран Ристо Бошков, кој рече дека здружението ќе биде транспарентно за сите активности.

- Принципите за кои се залагам се транспарентност во работењето, промоција на здружението на сите нивоа. Одговорност на секој поединец вработен во здружението, професионално извршување на задачите, особено во делот на трошењето на секој пензионерски денар. За секој денар, сите членови ќе имаат увид и преку извршниот одбор и ограноците, вели Бошков.

Во делот на хуманитарната активност, планирана е делумна поддршка од 20 проценти за бањско лекување, за рефундирање на трошоци за членовите кои се со тешка здравствена состојба. За нив, ќе одлучуваат двете комисии за здравство во која членуваат лекари пензионери.

- Преку здружението ќе се залагам на ниво на државата да се воведе системот на ослободување од партиципација, болнички лекувања, сите лекарски третмани за пензионерите постари од 75 години. Тие се генерациите кои ја создале државата, изјави Бошков.

На ниво на здружението има вкупно 15 737 пензионери од Куманово, Липково и Старо Нагоричане и вкупно 26 ограноци со одбор, претседател, секретари, каде што пензионерите ќе можат да достават свои забелешки, видувања, предлози, барања. Изборното собрание на кумановските пензионери се одржа кон крајот на март годинава. ам/дма/
 
Фото: МИА

Остани поврзан