• понеделник, 23 декември 2024

Новооткриен вид змии во Перу го доби името по Харисон Форд

Новооткриен вид змии во Перу го доби името по Харисон Форд

Лима, 16 август 2023 (МИА) - Новооткриен вид змии пронајдени во Перу го доби името по холивудскиот глумец Харисон Форд, кој е и познат еко-активист.

Бледожолтеникаво-кафеавата змија со црни дамки, откриена од истражувачи од Перу и САД на планините Анди, е наречена „Тачименоидес харисонфорди“ (Tachimenoides harrisonfordi). Форд, кој е потпретседател на непрофитната група „Меѓународна конзервација“ (Conservation International), смета дека откритието е потсетник дека има уште многу да се научи за дивиот свет. Новиот вид е била откриен во Националниот парк „Отиши“ во Перу, пренесува „Туко".

- Луѓето се само мал дел од неверојатно огромната биосфера. На оваа планета, сите судбини се испреплетени, а во мигов милион видови се на работ на заборавот. Имаме егзистенцијална задача да го поправиме нашиот нарушен однос со природата и да ги заштитиме местата што го одржуваат животот, изјави Форд.

И вид мравки, како и пајаци веќе се именувани по американската акциона ѕвезда. Во 1993 година е откриен „Калпонија харисонфорди“ (Calponia harrisonfordi) - т.н. калифорниски пајак, а неколку години подоцна и мравката „Фејдоле Харисонфорди“ (Pheidole Harrisonfordi) влезе во списокот познати видови.

За разлика од филмскиот лик по кого е можеби и најпознат - Индијана Џонс, Форд повеќепати истакнал дека сака змии. А пак, за новиот вид, вели дека „брзо нашол блискост“ со нив.

- Змијата има очи во коишто „може да се удавите“ и повеќето денови ги минува сончајќи се покрај базен со нечиста вода - веројатно јас и тие би биле пријатели во раните 60-ти“, се пошегува тој.

Истражувањето за „Тачименоидес харисонфорди“ покажува дека влекачите се особено изложени на опасност од истребување и оти над петтина од сите влекачи денес се загрозен вид.  си/ссм

Фото: Јавна Фејсбук-објава, МИА архива.

Остани поврзан