Новиот закон за заштитени подрачја дава перспектива за Пустец, оценуваат тамошните оператори
- Туристичките оператори во општина Пустец, Мала Преспа, позитивно гледаат на измените на законот за заштитени подрачја, оценувајќи дека влева надеж за поубава иднина на Преспа.
Тирана, 27 март 2024 (МИА) - Туристичките оператори во општина Пустец, Мала Преспа, позитивно гледаат на измените на законот за заштитени подрачја, оценувајќи дека влева надеж за поубава иднина на Преспа.
Деветте населени места од општина Пустец се во рамките на Националниот парк „Преспа", а сите се распослани на брегот на Преспанско Езеро.
Дел од жителите за албанските медиуми велат дека „бидејќи припаѓаат кон овој парк, тоа го ограничило туристичкиот развој на ова подрачје".
Во овие услови, додаваат, било невозможно туристичките оператори да се свртат кон туризмот и подобрување на туристичката инфраструктура, вклучително и плажите.
Кичо Аго е еден од најстарите оператори во областа, кој измените на Законот за заштитени подрачја ги смета за позитивни, бидејќи досега му било невозможно да го развие својот бизнис.
- Многу сме задоволни од новиот закон. Со него и се дава перспектива на Преспа бидејќи беше целосно изолирана, сега се надеваме дека оваа од Бога благословена област ќе стане нешто добро. Ние лично имаме 25 години свој угостителски објект, но не ни дозволија да го легализираме, сега веруваме дека тоа ќе го надминеме. Преспа со средување на инфраструктурата ќе тргне по вистинскиот пат, изјави Аго.
Истиот став го дели и експертот за туризам Лазо Стојан кој вели дека со изменетиот закон се очекува прво да се создаде потребната клима за локалните оператори но и да се привлечат странски инвеститори.
-Како жител на оваа заедница мислам дека измените на законот може да бидат зелено светло за Преспа за привлекување инвестиции. Оваа надеж ја имаат и жителите. Со стариот закон како заштитено подрачје не се дозволуваше инвестирање од самите жители, или од надвор, инвестициите во Преспа беа ограничени. Со овие измени мислам дека се отвораат големи можноста, рече Стојан.
Општина Пустец се состои од девет села со 5100 жители припадници на македонската заедница. Официјални извори информираат дека во овие крајезерски села има девет сместувачки објекти, хотели и ресторани. вт/хс/
Фото: Општина Пустец