• понеделник, 23 декември 2024

Нова ТВ дебата на лидерите на грчките политички партии во пресрет на изборите на 25 јуни

Нова ТВ дебата на лидерите на грчките политички партии во пресрет на изборите на 25 јуни

Атина, 6 јуни 2023 (МИА) – Лидерите на петте грчки политички парти, кои на изборите на 21 мај обезбедија место во Парламентот, ќе учествуваат во ТВ дебатата на државната телевизија ЕРТ, која најверојатно ќе се одржи на 15 јуни, на десет дена пред новите парламентарни избори, јави дописничката на МИА од Атина.

Меѓупартиската комисија за изборите денеска одржа состанок со службената министерка за внатрешни работи на Грција, Калиопи Спану и било договорено одржување на ТВ дебата.

На дебатата ќе учествуваат лидерите на Нова демократија Кирјакос Мицотакис, на СИРИЗА Алексис Ципрас, на ПАСОК- Движење на промена Никос Андрулакис, генералниот секретар на Комунистичката партија Димитрис Куцубас и претседателот на Грчко решение Кирјакос Велопулос.

Ова ќе биде втора дебата за краток временски период со оглед на тоа што беше одржана и во претходниот предизборен период.

Тогаш учествуваше и првиот човек на МЕРА 25 Јанис Варуфакис, но откако неговата партија на 21 мај не успеа да добие доволен број гласови за влез во Парламентот, сега нема да биде дел од дебатата.

Се очекува повторно лидерите да одговараат на прашањата на шест новинари од приватните телевизии, а овојпат веројатно, освен шесте области, ќе се воведе и една слободна тема.

На претходната дебата што се одржа на 10 мај и по пауза од осум години, лидерите на грчките политички партии ги претставија нивните позиции за економијата, надворешната политика и одбраната, институциите и транспарентноста, здравството и образованието, животната средина и енергијата и новите генерации.

Во следните денови се очекува да се прецизираат деталите околу одржувањето на ТВ дебатата во пресрет на изборите на 25 јуни. ср/паг/

 

 

Остани поврзан