• понеделник, 23 декември 2024

Нова сензорна соба во училиштето „Киро Глигоров“ во Капиштец

Нова сензорна соба во училиштето „Киро Глигоров“ во Капиштец

Скопје, 26 септември 2023 (МИА) - Од денеска учениците со образовни потешкотии во ООУ „Киро Глигоров“ во Скопје добија нова и комплетно опремена сензорна соба, донација од Турската агенција за соработка и координација ТИКА.

Како што информира денеска Општина Центар, се работи за донација на сензорна туба (со меурчиња) која менува бои, сензорни влакна, пректор со диск, сензорна светлечка маса, светленки листови и бројки, базен со топчиња, лулашка, темен шатор, трамполина, светлечки ЛЕЕД ципли, тактилен полигон за балансирање кои ќе го подобрат совладувањето на наставните содржини.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во присуство на координаторот на ТИКА во Скопје Мехмет Бајрак и помошник претседателот на ТИКА Махмут Чевик денеска истакнаа дека сензорните соби се од исклучителна важност за децата со аутистичен спектар на нарушено здравје.

- Инвестирањето во раниот детски развој е од исклучително значење за нашите деца. Вклучувањето на овие ученици во редовната настава е дел од образовната стратегија и сензорната соба што од денес ќе им биде достапна на децата од ова училиште е само уште еден мал чекор кон исполнувањето на главната цел, а тоа е нивна целосна инклузија. Предноста на оваа соба е тоа што можат да ја користат деца кои немаат вербална комуникација, но исто така се користи и во ситуации за намалување на вознемиреност, развојни потешкотии и сл, изјави Герасимовски.

Тој изрази благодарност до ТИКА за оваа донација и додаде дека таа ќе придонесе за полесно совладување на наставниот материјал, ќе донесе поголема мотивација децата да учат и да истражуваат, но и да го намалат стресот и да ја зголемат концентрацијата.

Од ТИКА пак истакнаа дека вложувањето во раниот детски развој преку вакви и слични проекти придонесува децата полесно да ги совладаат знаењата и да ја подобрат моториката.

- Сите материјали и опрема којашто е сместена во сензорната соба, се надевам и од се срце верувам дека ќе даде најголем придонес за учениците најнапред, за наставниот и целиот друг кадар во самото училиште, истакна Чевик.

Сензорната соба е наменета за околу 20-тина ученици од Основното училиште „Киро Глигоров“ и ќе биде во функција додека се изведува воспитно-образовната настава. Во моментов во Општина Центар функционираат сензорните соби во ООУ „Гоце Делчев“, „Јохан Хајнрих Песталоци“, „11 Октомври“, „Кочо Рацин“, „Кирил и Методиј“. мд/цр

Фото: Општина Центар

Остани поврзан