• вторник, 05 ноември 2024

Нова детска градинка во поранешната битолска касарна

Нова детска градинка во поранешната битолска касарна

Битола, 31 август 2023 (МИА) - Општина Битола ги почна работните активности за изведба на дренажен систем за детска градинка во поранешната касарна, со што создадени се услови за изградба на оваа градинка. За подготовка на теренот, локалната самоуправа издвои над четири милиони денари, со цел да се изврши испумпување на водата, да се направи дренажен систем и да може да продолжат градежните активности за изградба на објектот, истакна градоначалникот Тони Коњановски.

- Ова е еден од проектите што се насочени кон зголемување на капацитетите за згрижување на најмладите. Во исто време се врши адаптацијата и реконструкцијата на просториите за детска градинка во поранешниот Дом за доенчиња, а за што се инвестираат 10 милиони денари, од кои општина Битола финансира 30 проценти. Во детската градинка „Мајски цвет“ имавме повеќе инвестиции за уредување на просторот и занималните, а се надевам дека, ваквиот пример на работа ќе го следи и директорката на детската градинка „Естреја Овадија Мара“, затоа што неискористувањето на средствата што ги имаат градинките, во изминатите две години, резултираше со враќање во државниот буџет на вкупно над 25 милиони денари, а тоа за жал придонесува за намалување на блок дотациите од Министерството за труд и социјална политика и нивно пренасочување кон детски градинки во други општини, посочи Коњановски.

Во новиот предлог ребаланс на буџет, капиталните инвестиции учествуваат со над 36 проценти, нагласија од Општина Битола. мт/бд/

Фото: МИА

Остани поврзан