• петок, 22 ноември 2024

Нова водоводна мрежа и асфалтирање на три улици во селото Драчево

Нова водоводна мрежа и асфалтирање на три улици во селото Драчево

Скопје, 13 април 2023 (МИА) - До крајот на месец мај, жителите на улиците „Корџевска“, „Домазетовска“ и „Мишевска“ во селото Драчево ќе добијат квалитетна вода за пиење, со што ќе се надмине проблемот со кој се бореа децении наназад. Општина Кисела Вода денеска започна со реконструкција на постојниот застарен водоводен систем на овој потег, информираат од Општината.

- Граден пред повеќе од 60 години, тој нема можност за кружно движење на водата низ цевките, со што таа се заматува и загадува и е непогодна за употреба. Се работи за градежен зафат во должина од околу 1.400 метри. По завршувањето на активностите поврзани со водоводната мрежа, овие улици ќе бидат целосно асфалтирани. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска присуствуваше на започнувањето на градежните активности. Тој истакна дека ова е неопходен зафат и не смеел да чека досега, но, дека интензивно работи на надминување на ваквите недозволиви проблеми не само на оваа, туку и на сите остaнати локации низ општината, се наведува во соопштението.

Според Ѓорѓиевски, неприфатливо е во 21. век, жители да немаат квалитетна вода за пиење.

- Уште понеприфатливо е тие десетици години да алармираат и да молат за решение, а за нивните барања никој да нема слух. Како што им ветив, денеска започнуваме со решавање на овој горлив проблем. Градежните зафати на улиците „Корџевска“, „Домазетовска“ и „Мишевска“ се во должина од 1.400 метри. Опфаќаат реконструкција на постојната мрежа градена во 60-тите години на минатиот век. Дополнително, на крак од улицата „Корџевска“ ќе изградиме нов дел од водоводна мрежа со што, согласно насоките од ЈП „Водовод и Канализација“, ќе се овозможи кружно движење на водата, па таа повеќе нема да биде заматена и загадена. Финализацијата на овој зафат вклучува целосно асфалтирање на сите споменати улици. До крајот на следниот месец и жителите од овој дел на селото Драчево ќе добијат современи и достоинствени услови за живеење, а Општина Кисела Вода ќе продолжи со реализација на вакви проекти кои имаат суштинско значење и одамна требало да бидат ставени на листата сo приоритети на делување, се наведува во писмената изјава на градоначалникот.

Од Општината потсетуваат дека пред еден месец, Општина Кисела Вода инвестираше во изградба на нова водоводна мрежа во месноста Порупи во селото Драчево, долга 1.480 метри. бд/сп/

ФОТО: Општина Кисела Вода

Остани поврзан