• недела, 22 декември 2024

Николоски тврди дека ќе бидат исплатени дополнителни 11 милиони евра за специјалисти за надзор при изградбата на коридорите

Николоски тврди дека ќе бидат исплатени дополнителни 11 милиони евра за специјалисти за надзор при изградбата на коридорите

Скопје, 25 мај 2023 (МИА) - Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски попладнево, повикувајќи се на делови од договорот за изградба на коридорите, изјави дека ќе бидат исплатени дополнителни 11 милиони евра за ангажирање на најмалку пет специјалисти за надзор за период од пет години.

На гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, Николоски рече дека платата на еден специјалист ќе биде 36.500 евра.

- Со мене го носам еден од најсомнителните делови на договорот каде што вели дека изведувачот има право да ангажира специјалист или специјалисти во множина чии што број ќе биде договорен помеѓу изведувачот и владата, кој што ќе имаат четири насоки на работа, создавање на спецификации за автопатите, создавање на студии за влијание врз животната средина, понатаму студии за влијание врз заштитеното богатство од УНЕСКО во Охридскиот регион, како и разгледување на спецификациите на автопатите. Значи ова се најмалку четири спецификации што значи дека најмалку пет вакви лица би имало ангажирано. Иако бројот е недефиниран, што значи дека може да се и 15 и 20 и 50 лица. Месечната плата ќе биде ни помалку, ни повеќе 36.500 евра, рече Николоски.

Додаде дека оваа сума од 11 милиони евра за ангажирање на специјалистите е дополнителна сума што ќе треба да се плати.

- Ова се суми коишто дополнително треба да ги плати Владата што значи теоретски доколку еден човек се ангажира за пет години колку што Владата вели дека ќе се изведат автопатите, во тој случај само еден човек би зел 2 милиони и 190 илјади евра, а доколку се ангажираат најмалку 5 лица колку што минимум треба да се ангажираат според овој договор, тие би зеле фантастични 11 милиони евра дополнителни средства од владата, рече Николоски.

Ја повика Владата да го демантира или да го потврди ова негово тврдење, укажувајќи дека со самото тоа што се крие договорот од јавноста, се остава сомнеж за криминал. бак/

 

 

Остани поврзан