• недела, 22 декември 2024

Николоски: Договорот со „Бехтел и Енка“ не може да се декласифицира без согласност од другата страна, целта е да добиеме што повеќе километри за истите пари

Николоски: Договорот со „Бехтел и Енка“ не може да се декласифицира без согласност од другата страна, целта е да добиеме што повеќе километри за истите пари

Скопје, 10 јули 2024 (МИА) - Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, кој е касифициран како државна тајна, за да биде објавен потребна е согласност од двете страни. Наша главна цел ќе биде  да добиеме што повеќе километри од тој договор, вели вицепремиерот за економски прашања и министер за транспорт Александар Николоски.  

– Во однос на овој договор јавноста треба да знае дека тој е класифициран како државна тајна што според моето скромно правничко познавање на оваа материја мислам дека не е согласно закон затоа што е многу јасно во Македонија што може да се класифицира како државна тајна. Претпоставувам дека идејата на партнерот на другата страна била да се потпише еден класичен (англиски) или договор во којшто не се изнесуваат детали на конкуренцијата, но тоа е една работа, а сосем друга работа е да потпишете договор државна тајна што создаде магла околу договорот, изјави Николоски.

Посочи дека имал една средба со претставниците на овој конзорциум на која кажал дека договорот треба да се декласифицира.

- За жал, како е поставен договорот, мора двете страни да дадат согласност за оваа работа и се надевам дека ќе дадат согласност да го декласифицираме и јавноста да го види, рече Николоски.

Она што е побитно, според Николоски, е што земјата може да добие од тој договор, односно да добие повеќе километри автопат од тоа што е потпишано.

- Тоа ќе биде нашата главна битка во годините што следуваат - да добиеме повеќе километри автопат во рамки на истата финансиска сума која што е договорена, а исто така јавноста треба да знае дека претходната влада на СДСМ и ДУИ веќе има исплатено 240 милиони евра на изведувачот за буквално ништо, односно за т.н. подготвителни работи што не ги гледаме и мислам дека ќе биде недомаќински однос кон македонскиот буџет, ако сакате и душмански јас сега да го прекинам договорот, а тие средства се веќе кај изведувачот и не може да се вратат. Изведувачот може да тужи и да побара арбитража и веројатно да платиме уште толку и да отидат половина милијарда евра на македонските граѓани, а да немаме ни километар автопат. Тоа што мислам дека е правилен пристап е да се бориме со нив, да добиеме што повеќе километри автопат, што побрзо изградиме во Македонија, вели Николоски.

Прашан дали нашле криминал во овој проект за што ја обвинуваа тогашната влада, Николоски рече дека Државниот завод за ревизија има извештај во однос на оваа работа којшто е направен пред тој да стане министер, и оти сега Обвинителството треба да го разгледа.

Во однос на ископот во Прилепско, беше кажано дека тоа е надлежност на изведувачот. Јас слушнав за таа работа, така што тие треба да си најдат најсоодветно решение од каде ќе црпат суровини коишто се потребни за автопатот, тоа не е наша обврска.

Деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски прашан за реализацијата на договорот со „Бехтел и Енка“ изјави дека според она колку е информиран за тој проект, досега нема технички проблеми што влијаат на динамиката на реализиација.

Американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ согласно потпишаниот договор со претходната Влада, за 57 месеци, или во 2027 година, треба да ја заврши изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д во вкупна должина од 110 километри. Договорот беше потпишан на 8 март лани, а изградбата на автопатските делници ќе чини околу 1,3 милијарди евра. Ова треба да е конечната цена, но под услов да се направат измени на неколку закони со кои треба да им се олесни работата на изведувачите. Во спротивно, автопатите ќе се градат подолго и ќе чинат поскапо, за што, според обвинувањата на тогашната опозиција, Владата се обврзала да му плаќа огромни пенали на американско-турскиот конзорциум. вг/бак/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан