Николовски: Го збогатуваме шумскиот фонд со нови 1.200.000 садници, градејќи здрава иднина на идните генерации
- Акцијата за пошумување, како што информира министерот Николовски, има за цел пошумување на над 400 хектари со 1 милион и 200 илјади садници, во 19 региони, на 36 локации низ државата.
Велес, 27 ноември 2023 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски заедно со министерката за животна средина Каја Шукова, претставници на ЈП „Национални шуми“, здружението „Мен енд Маунтен“ и општествено одговорните компании денеска на локацијата во близина на езерото „Младост“ во Велес, ја продолжија големата акција за пошумување „Ајде да пошумуваме заедно“.
Акцијата за пошумување, како што информира министерот Николовски, има за цел пошумување на над 400 хектари со 1 милион и 200 илјади садници, во 19 региони, на 36 локации низ државата.
На денешната акција во Велес започна пошумувањето на локацијата во близина на езерото „Младост,“ на површина од 23 хектари, со садници на багрем, јавор и јасен.
Министерот Николовски потенцира дека со овие акции го чуваме и развиваме нашето најголемо природно богатство-шумите.
-Преку оваа голема акција заедно со нашите партнери, општествено одговорните компании и граѓански здруженија, засадуваме 1 милион и 200 илјади садници, пошумувајќи површина од над 400 хектари. Заедно го збогатуваме шумскиот фонд на државата, за нас, нашите деца да имаат здрава иднина, порача министерот Николовски.
Акцијата „Ајде да пошумуваме заедно“ започна со реализација од месец ноември и ќе трае се до 31 март 2024 година, поделена на два дела.
Воедно информира дека првиот дел од акцијата се реалзиира во месеците ноември и декември, преку програмата за проширена репродукција. Започна на 10 ноември со пошумување на површина од 96 хектари во Делчево на локацијата Стар Истевник. Потоа продолжи во Берово со пошумување на површина од 51 хекатар на локацијата Будинарски рид. Денеска продолживме во Велес, а продолжуваме со пошумување на локацијата Кокино во Куманово со пошумување на површина од 61 хектар.
-На овие локации, во првиот дел од акцијата за пошумување, заедно со нашите партнери пошумуваме површина од 241 хектар, со засадување на над 580 илјади садници. Токму на овие локации, кон акцијата, активно се приклучија учениците од средните училишта „Раде Јовчевски - Корчагин“ и „Орце Николов“, потоа Сојузот на извидници на Македонија, здружението Менендмаунтаин, општествено одговорните компании Телеком, ДМ Дрогерии, Халкбанка и КБ Пензинско друштво, кои покрај со своето учество во оваа акција донираа садници и опрема, информира министерот Николовски. ад/дма/
Фото:МЗШВ