• петок, 05 декември 2025

Не се почитуваа апелите за рационално користење на водата за пиење, во Дебар воведена рестрикција

Не се почитуваа апелите за рационално користење на водата за пиење, во Дебар воведена рестрикција

Дебар, 22 јули 2025 (МИА) - Јавното комунално претпријатие "Стандард" информираше дека се воведува неколку часовна рестрикција во водоснабдувањето, бидејќи корисниците не ги почитувале претходните апели за заштеда на вода, односно да не се употребува за  наводнување на градини, миење дворови, тротоари па дури и улици пред домовите.

-И покрај нашите апели водата за пиење да не се злоупотребува, таа појава продолжи и понатаму, поради што сме принудени да ја воведеме непопуларната мерка – рестрикција во водоснабдувањето, изјави директорот Бурим Каба.

Во периодот од 10 до 13  часот без вода ќе биде селото Долно Косоврасти, каде се наоѓа и бањскиот локалитет, додека од 13 до 16 часот целиот град.

-Нашата вода, која е од изворите во Росоки, е една од најквалитетните не само во државава, туку во Европа, а несовесните корисници истата ја злоупотребуваат. Навистина жално, посочува Каба.

Одлуката за рестрикцијата, додава директорот, ќе биде во сила се до подобрување на ситуацијата и повторно упатува апел за рационално користење на водата, за да не бидат принудени да го зголемуваат времетраењето на рестрикциите.

Потрошувачката на водата е зголемена и поради присуството на иселениците, чиј број секојдневно се зголемува. вт/ац/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан