• недела, 22 декември 2024

Неполни две години по ампутацијата на двете нозе, Златко Ѓоргиев успешно го заврши маратонот во Базел

Неполни две години по ампутацијата на двете нозе, Златко Ѓоргиев успешно го заврши маратонот во Базел

Кочани, 3 декември 2024 (МИА) – Ампутацијата на двете нозе, извршена пред неполни две години, не беше пречка за 38-годишниот Златко Ѓоргиев од Виница, да постигне несекојдневен подвиг и личен успех на неодамнешната маратонска трка во Базел, Швајцарија. Со помош на двете протези, што му ги заменуваат стапалата и натколениците, за 50 минути и 40 секунди ги помина петте километри и стигна до целната линија на трката.

Веќе една деценија, Ѓоргиев со семејството живее во местото Фулинсдорф, во кантонот Базел во Швајцарија, каде што се случил несреќниот случај во кој ги загубил нозете.

Во интервју за МИА раскажува за судбината што го снашла, но и за мотивите и напорите да го продолжи животот.

- На 13 март минатата година целосно ми се промени животниот пат. Не само мојот, туку и на сопругата и на двете деца. Додека го чистев задниот дел од камионот како дел од мојата работа, багерот што го натовари тргна наназад и не ме забележа. Немав време да реагирам, па скокнав нагоре. За жал, машината ми ги приклешти нозете под колената. Благодарение на брзата реакција на Итната помош, за 15-20 минути се најдов на Универзитетската болница во Базел. Ситуацијата на почетокот претставуваше шок за сите, но едно беше јасно, дека ќе мора да ја прифатиме реалноста и нашиот нов начин на живот. Благодарен сум му на Бога што останав жив, вели Ѓоргиев во интервјуто.

Мотивираноста на Ѓоргиев да ги решава предизвиците со кои секојдневно се соочува му помага рехабилитацијата да се одвива успешно. За него повторно станува нормално рекреативно да пешачи, да вози автомобил, да игра кошарка, плива или да оди на лесни планинарски тури.

Интервјуто направено по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост го пренесуваме во целост:

За колку време ја надминавте депресијата и сфативте дека животот мора да продолжи?

- Со оглед на тоа дека само две недели бев хоспитализиран и веднаш потоа бев префрлен на рехабилитација, немав време да размислувам за депресија. Имав само една цел - што поскоро да се вратам во нормала. Пред несреќата, спортувањето беше дел од моето секојдневие. Тренирав бодибилдинг четири пати неделно, возев велосипед и редовно трчав. Секогаш си поставував предизвици, па така и овие 5 км беа инспирација и мотив за мене – да покажам дека можам, дури и кога околностите се променети. 

Како помина рехабилитацијата и дали ќе планирате да се вратите на секојдневните работни и други обврски?

- Во Швајцарија условите за лицата со ампутации се генерално многу добри, благодарение на високите стандарди во здравството, рехабилитацијата и социјалните програми. Има специјализирани центри за рехабилитација, кои нудат физикална терапија, но уште поважно – психолошка поддршка и подготовка за враќање во секојдневниот живот. Многу организации, каква што е PluSport нудат програми за адаптирани спортови, вклучувајќи кошарка, пливање, скијање, велосипедизам и атлетика. Постојат и клубови за лица со инвалидитет кои промовираат активно и социјално живеење. Преку организацијата IV (Инвалидско осигурување), лицата со инвалидитет добиваат поддршка за повторно вработување, преквалификација или прилагодување на работното место. Швајцарските закони бараат работодавачите да ги приспособат условите за работа каде што е потребно. Швајцарија е земја што многу вложува во интеграцијата на лицата со инвалидитет, обезбедувајќи им не само медицинска туку и општествена и професионална поддршка за враќање во нормален живот.

Дали личниот успех на маратонот е поттик за учество на слични натпревари, па и на повисоко ниво?

- За мене спортот е синоним за здрав начин на живеење. Тој носи физичка подготвеност, издржливост и, најважно, позитивна енергија. Спортувањето ми помага да ја задржам дисциплината и да се чувствувам силен и исполнет. За учеството на маратонот ми требаше седум пати повеќе енергија од вообичаено, така што и самиот се изненадив од успехот што го постигнав. Во моментот немам планови за настап на посериозни натпреварувања, но ако ми се укаже интересна можност, зошто да не? Во Швајцарија има многу опции за адаптирани спортови, ќе размислам, можеби еден ден да учествувам и на натпреварувања од повисок карактер.

Што ви дава најголема енергија и мотив за да продолжите со активностите и каква е пораката од сопствено искуство за луѓето кои се во слична ситуација како вас?

- Соочувањето со животните предизвици ме направи посилен и поодлучен. Секој од нас може да го направи истото. Без разлика со какви препреки се соочувате, никогаш не откажувајте се од вашите цели. Човечкото тело е како градина, а волјата е главниот градинар. Со упорност, работа и верба во себе, сè е возможно. Секој ден носи нова можност за напредок – само треба да ја прифатите. 

Тони Ајтовски

Фото: Лична архива на Ѓоргиев

 

Остани поврзан