• понеделник, 23 декември 2024

„Неочекуван дијалог – Рембрант и Јанкуловски“ - изложба во галеријата „Остен“

„Неочекуван дијалог – Рембрант и Јанкуловски“ - изложба во галеријата „Остен“

Скопје, 24 февруари 2022 (МИА) - Од денеска и во наредната една година, односно до 24 февруари 2023, во галеријата „Остен“ ќе биде поставена изложбата „Неочекуван дијалог – Рембрант и Јанкуловски“.

Ќе биде претставено дело од Рембрант - графиката „Портрет на Јан Аселин“ од 1647 година, отпечатено во шест примероци во две варијанти (едната со штафелај, а другата со сета индикација на отстранетиот штафелај) и две дела од македонскиот уметник Мице Јанкуловски од полиптихот „Форма А“ од 2019 година - 16 слики акрил на платно.

- Проектот е надградба на веќе воспоставената соработката меѓу Остен арт Скопје и САВУ - Светска асоцијација на визуелни уметности, и се состои од изложба на дела од награден уметник од страна на САВУ и едно дело од уметник чие име таа награда го носи, соопшти „Остен“.

Во рамките на Остен Биенале на цртеж Скопје 2020, уметникот  Јанкуловски беше добитник на наградата „Рембрант“ за извонредност во уметноста од страна на САВУ за 2020 година, па оттаму и името на проектот „Неочекуван дијалог – Рембрант и Јанкуловски“.

Како што информира „Остен“, во текот на едногодишното траење на изложбата ќе бидат организирани и други активности, за кои јавноста ќе биде дополнително и навремено известена.

САВУ е доброволна, независна, непрофитна организација формирана за обединување на поединци и институции низ  светот чија заедничка основа е визуелната уметност. 

Наградата „Рембрант“ за извонредност во уметноста им се доделува на наградени автори на престижни биенални настани / партнерски организации на САВУ, како Фиренца Биенале, Ларнака Биенале, Остен Биенале и сите сродни организации кои во иднина ќе соработуваат со САВУ, уметници кои веќе имаат изградено импресивна професионална кариера. Наградата се доделува секоја година од страна на САВУ, во соработка со нејзините партнерските организации. хс/сп/

Остани поврзан