• понеделник, 23 декември 2024

Неделковски: Го славиме името на нашиот патрон Свети Климент и современото образование и наука

Неделковски: Го славиме името на нашиот патрон Свети Климент и современото образование и наука

Битола, 8 декември 2023 (МИА) - Денеска го одбележуваме денот на нашиот патрон, го славиме Св. Климент, кој што својот живот го посветил на образование и наука согласно средновековните стандарди, а повеќе од 1100 години потоа славејќи го неговото име ние ги славиме современото образование и наука, истакна ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола, Игор Неделковски.

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ или УКЛО сигурно чекори и го зголемува рејтингот на меѓународните универзитетски ранг листи на кои е рангиран, а во Северна Македонија повторно е на второто место.

-На рангирањето на Webometrics се искачивме за околу 1000 места во однос на 2022 година, а на EduRank не само што напреднавме туку успеавме да бидеме второ рангирани од универзитетите во Република Северна Македонија. Оваа година го промовиравме проектот УКЛО Мрежа во кој веќе ги опфативме првите научници и организации кои сакаат да се здружат со УКЛО да соработуваа и заедно настапуваат кон трети страни. Со овој потег се отвораме максимално кон заедницата кон сите организации и поединци кои имаат капацитет и желба за заедничка работа на научни истражувања и развојни проекти, посочи ректорот Неделковски.

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, освен со меѓународната, соработува и со локалната заедница и посебно со општините од пелагонискиот регион.

-Со општините Битола, Прилеп и Новаци потпишавме меморандуми за соработка. Општина Битола ги отвори вратите за нашите студенти, понуди платена пракса во општинските установи и претпријатија за студентите на УКЛО. Веројатно е пионер или една од првите во државата со овој потег. Општина Прилеп најави дека ќе го следи примерот на Општина Битола, а Општина Новаци како рурална општина се одлучи да ги стипендира младите жители на оваа општина кои ќе се запишат на факултет, со цел да ја подобри едукативната структура на жителите на руралните средини и ја намали миграцијата кон градовите, нагласи ректорот Неделковски.

Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола во 2024 година ќе слави 45 години од основањето на Универзитетот, но и 100 години од почетоците на УКЛО односно од почетокот со работа на најстарата единица на УКЛО, Научниот институт во Прилеп.

-Во 2024 година ќе славиме и 90 години од првото студентско организирање на  овие простори, односно формирањето на Битолското студентско здружение во 1934 година. Тоа е чин што укажува дека студентот одамна бил стожер на економскиот и општествениот развој на овој регион, предочи професор д-р Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“. мт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан