Невладини организации во Србија поднесоа кривична пријава за тероризам за употреба на опасно оружје на протестот на 15 март
- Српски невладини организации поднесоа кривична пријава до Јавното обвинителство за организиран криминал против непознат сторител за кривично дело тероризам, поврзана со настанот од 15 март во Белград, јави МИА од Белград.

Белград, 10 април 2025 (МИА) - Српски невладини организации поднесоа кривична пријава до Јавното обвинителство за организиран криминал против непознат сторител за кривично дело тероризам, поврзана со настанот од 15 март во Белград, јави МИА од Белград.
Освен тоа, граѓанските организации испратија писма и барања до меѓународните судови и институции итно да се спроведе истрага, без никакво политичко влијание, за она што било употребено на 15 март против мирните демонстранти. Се бара и Европскиот суд за човекови права да ги преземе сите мерки за, евентуално, приватни лица повторно да не користат такви средства.
Во 19 часот и 11 минути, при оддавање почит за настраданите од падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, се случи звучен инцидент, по што луѓето бегаа од средината на улицата кон тротоарот, а повеќе од 4.000 граѓани контактираа со невладини организации и побараа помош бидејќи биле изложени на дејство на непознато средство, јавија белградски медиуми.
Од Комитетот на адвокати за човекови права нагласија дека „тоа е напад врз животот, телото и слободата на граѓаните, населението беше заплашено со употребата на тие непознати средства и тоа е терористички чин“.
Невладините ја лансираа платформата (zvuk.labs.rs), што им овозможува на граѓаните преку сведоштва да дознаат што се случувало на митингот на 15 март.
Српските власти прво негираа дека воопшто поседуваат такви уреди, како што е звучно оружје, но подоцна се покажа дека поседуваат дури 16 уреди ЛРАД, во јавноста попознати како „звучен топ“, шти ги набавиле во 2021 година. Од полицијата негираа нивна употреба на тој протест. зш/
фото МИА