• петок, 22 ноември 2024

На 151-от роденден на Железницата, политичарите ветија сигурни работни места и покрај либерализацијата

На 151-от роденден на Железницата, политичарите ветија сигурни работни места и покрај либерализацијата

Скопје, 9 април 2024 (МИА) -  Ветувања за инвестиции во изградба на источниот железнички дел од Коридорот 8, што ќе резултира со наше железничко поврзување со Бугарија како членка на ЕУ до 2030 година, ремонт на железничкиот дел од Коридорот 10, придобивки од либерализацијата што стартуваше во товарниот сообраќај со гаранција дека работните места нема да бидат загрозени, приклучување кон регионалниот проект за брза пруга... Вакви ветувања денеска изнесоа раководството на ЈП железничка инфраструктура и членови на Владата на свеченоста по повод 151 година од основањето на Македонски железници.  

- Заедно ќе ја трансформираме Железницата и ќе ја направиме европска и модерна. Со либерализацијата отворивме ново поглавје во железницата и создадовме нови можности, но нема потреба од загриженост за вашите работни места, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. 

null

Битиќи посочи дека либерализацијата ќе значи и повеќе пари за модернизација на пругите, за проширување на железничката мрежа, односно зголемување на ефикасноста и ефективноста на железничкиот сообраќај во земјава.   

- На либерализацијата не треба да гледаме со страв, туку да ја прифатиме како можност да ја искористиме нашата стратешка локација. Со развојот што го нуди либерализација на железничкиот сообраќај, ќе поставиме нови основи за поддршка и стимулирање на економската активност, правејќи ја нашата земја уште попривлечен избор за бизнисите во Европската унија, кои барат сигурни, блиски и ефикасни решенија за приближување на своите добавувачки ланци. Концептот на near-shoring станува клучен за развојот на нашата економија, а железницата е таа која има стратешка и клучна улога Северна Македонија да ја позиционира во срцето на европските синџири, рече Битиќи.

null

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски порача дека  доизградбата на Коридор 8 како дел од регионалната транспортна мрежа е предуслов за одржлив економски раст и развој на целокупниот регион. 

- Првата делница од Куманово до Бељаковце за која очекуваме да биде завршена оваа година е со преку 50 проценти прогрес на работите, а втората делница од Бељаковце до Крива Паланка е со  прогрес од над 20 проценти и исто така се работи со потребната динамика. Тоа што ни претстои како сериозен предизвик е изградбата на третата делница од Крива Паланка до граничен премин Деве Баир која е најсложена, за која веќе ја објавивме тендерската постапка, рече Бочварски. 

Посочи дека има многу прашања околку либерализацијата што стартуваше на почетокот на годинава  во делот на товарниот сообраќај и порача дека тоа е единствен начин за да се зголеми конкуренцијата на железничкиот транспорт и да се овозможи нашите компании да имаат побрз, ефикасен транспорт и конкурентен производ на европските и светски пазари.

Го спомена и Меморандумот за разбирање што го потпишавме со Србија за наше приклучување кон проектот за брза пруга која ќе ги поврзе Белград и Скопје со модерна пруга со брзи перформанси во прва фаза, а потоа во втора фаза поврзување со Солун до солунското пристаниште.

null

Според директорот на ЈП за железничка инфраструктура Зоран Трифуновски, Железницата останува главен двигател за транспорт и развој, поради што фокусот е на инвестициите, за изградба на источниот крак на Коридор 8, каде се градат првите две делници, а за третата како што рече, во најскоро време ќе се избере изведувач.

-Поврзувањето со Бугарија го планираме со зачленување во ЕУ до 2030 година. Овој проект има огромно регионално значење и треба да донесе зголемен економски раст и размена на стока во земјите од Западен Балкан и пошироко, посочи Трифуновски, истакнувајќи дека се подготвува документација за изградба на западниот железнички дел на Коридор 8, како и проектна документација за ремонт на Коридор 10. 

null

Првиот воз влечен од парна локомотива пристигнал на Железничката станица во Велес на 9-ти април 1973 година. На свеченоста по тој повод во Железничко патничката станица во Скопје, на Весна Стевановска, Димитар Ќамилов и Славица Маневска, тројца најискусни вработени кои се пред пензионирање, им беа врачени признанија.

null

Беа изведени театарска претстава и музичка програма со настап на ученици, а учесниците имаа можност да го посетат Железничкиот музеј. лв/бак/

Остани поврзан