• понеделник, 23 декември 2024

На Филолошкиот факултет промоција на две македонистички изданија на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта

На Филолошкиот факултет промоција на две македонистички изданија на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта

Скопје, 28 октомври 2024 (МИА) - Промоција на две македонистички изданија на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, ќе се одржи денеска напладне во салата за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”, при УКИМ.

Станува збор за зборници на трудови во издание на Катедрата за славистика при Институтот за славистика и балтичка филологија, објавени во реномираната едиција „Opera Slavica Budapestinensia (Linguae Slavicae)”. Приредувач на двете изданија е Златко Панзов, а преводот од македонски на унгарски јазик е на Анамарија Цинеге-Панзова.

Зборникот Блаже Конески „За македонскиот јазик“ (Blazse Koneszki: A macedón nyelvről) е издаден по повод 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. Во содржината на Зборникот се вбројуваат предговорот на Златко Панзов, како и текстовите на Блаже Конески: „Развојот на македонскиот литературен јазик”;  „Афирмација на македонскиот јазик” и „Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици”. Во Зборникот е приопштен и текстот „Неколку зборови за македонскиот литературен јазик” од Крсте Петков Мисирков. Публикацијата содржи и фотографии од првите изданија на граматиката од Блаже Конески, од Македонскиот правопис, од Решението за воведување на македонската азбука, како и од оригиналната корица на книгата „За македонцките работи”.

Зборникот „Македонски книжевно-историски мозаик“ (Macedón irodalomtörténeti mozaik) е сочинет од пет научни статии посветени на низа книжевно-научни и културолошки теми: „Епската и арс-поетиката на Блаже Конески”; „Огнот и водата во лириката на Ацо Шопов” од Владимир Мартиновски; „За некои особености на книжевната критика на Коста Солев Рацин” од Иван Антоновски; „Женска книжевна архива – од усно творештво до (пост)феминистично писмо” од Ана Мартиноска и „Млада македонска поезија” од Звонко Танески. Рецензенти на објавените трудови се Иштван Лукач и Дарин Ангеловски, стои во соопштението од Деканатот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”

Анамарија Цинеге-Панзова (1976, Унгарија) е литературен преведувач на унгарски и македонски јазик. Во 2002 година дипломирала на Факултетот за хуманитарни науки ЕЛТЕ во Будимпешта и се здобила со звањето професор по унгарски јазик, а во 2003 година на тој факултет се стекнува и со звањето филолог по полски јазик. Работела како лектор по унгарски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (2011-2016). Докторанд е на Докторската школа за книжевност при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта. Нејзините научни истражувања се фокусирани на рецепцијата на македонската книжевност во унгарски културен контекст. Активно преведува од 2004 година. Објавила дваесетина преводи од унгарски на македонски јазик: Иштван Еркењ („Едноминутни новели“), Бела Хамваш („Филозофија на виното“), Адам Бодор („Округот Синистра“), Шандор Мараи („Свеќите горат до крајот“), Ѓерѓ Конрад („Заминување и враќање“, „Горе на ридот при помрачување на сонцето“), Деже Костолањи („Корнел Ешти“), Кристина Тот („Пиксел“), Илдико Ловаш („Шпанска невеста“), Антологија на унгарскиот краток расказ „Сецирање на живо“ и др. Објавила повеќе преводи од македонски на унгарски јазик, меѓу кои најзначајни се „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (Goce Szmilevszki, Freud húga 2012), „Резервен живот“ од Лидија Димковска (Lidija Dimkovszka, Tartalék élet 2015), „Вештица“ од Венко Андоновски (Venko Andonovski, Boszorkány 2018), „Секој со своето езеро“ од Ненад Јолдески (Nenad Joldeszki, Mindenkinek a maga tava 2019); за книжевни списанија ги превела Петар Андоновски, Фросина Пармаковска, Давор Стојановски, Лира Бојку, Александар Прокопиев и др. Активно учествува во организирање културни настани за промоција на македонската култура во Унгарија. Дел е од организацијата на манифестацијата Денови на македонска култура во Будимпешта, единствена манифестација од ваков тип во Унгарија. Во рамките на своите докторски студии на Институтот за славистика и балтичка филологија држи предавања за превод на македонски и унгарски јазик. Добитничка е на почесно Рациново признание за 2024 година за значаен придонес во афирмацијата на македонскиот јазик надвор од границите на државата.

Златко Панзов (1979 г., Гостивар) е лектор, литературен преведувач, културен менаџер. Дипломирал на групата Македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје, магистрирал на културологија на Институтот за македонска литература на тема „Исток и запад – осиромашување на човековиот дух во делата на Бела Хамваш“. Докторанд е на Докторската школа за литература при Универзитет ЕЛТЕ, Будимпешта. Предмет на неговите интереси и истражувања е историографската метафикција во македонскиот и унгарски современ роман. Работел како професор по македонски јазик, а од 2003 година активно се занимава со литературен превод. Работи како лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта. Досега објавил над четириесет преводи од унгарски јазик за повеќе издавачки куќи. Меѓу нив спаѓаат преводи на дела од Бела Хамваш, Адам Бодор, Ноеми Сечи, Петер Надаш, Шандор Мараи, Ѓерѓ Конрад, Деже Костолањи, Кристина Тот, Иштван Еркењ, Ференц Молнар, Михаљ Бабич, Ласло Краснахоркаи, Атила Бартиш, Ѓерѓ Драгоман, Едина Сворен, Бенедек Тот, Петер Естерхази, Ноеми Киш, Ѓерѓ Шпиро, Тибор Дери и др. Заедно со Анамарија Цинеге-Панзова ја приредиле и превеле Антологијата на унгарскиот краток расказ „Сецирање на живо“; зборникот „За македонскиот јазик“, избор на текстови од Блаже Конески и Крсте Петков Мисирков, објавен по повод 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески и зборникот „Македонски книжевно-историски мозаик“ (2023), избор на текстови од реномирани македонски книжевни теоретичари.  Од 2019 година ја организира манифестацијата Денови на македонска култура во Будимпешта. Во 2023 ја добива наградата за книжевен превод „Драги“ за преводот од унгарски јазик на романот „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро, се наведува во соопштението од Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при УКИМ. вг/лв/

Фото: корици

 

Остани поврзан