• петок, 22 ноември 2024

На тајна локација во Грција пристигнаа фрижидерите за чување на вакцината против Ковид-19 

На тајна локација во Грција пристигнаа фрижидерите за чување на вакцината против Ковид-19 
Атина, 21 декември 2020 (МИА) – Специјалните фрижидери за длабоко замрзнување во кои ќе се чува вакцината против Ковид-19 пристигнаа во Грција, а вакцинацијата во земјата, според процените се очекува да започне во недела на 27 декември, јави дописничката на МИА од Атина. Вакцините ќе се складираат во специјален простор, на тајна локација што не се открива, а МИА објавува фотографии од четирите фрижидери што се наоѓаат во Атина. Фрижидерите се за длабоко замрзнување со температура до минус 80 степени Целзиусови, колку што е потребно за вакцината на Фајзер, а еден фрижидер е со капацитет да собере 80.000 дози. Од просторот каде што се складираат ќе се носат во болниците и центрите за вакцинација, а како што објаснуваат надлежните, многу е важно да има регистрација на заинтересираните за вакцинација, со оглед на тоа дека конкретната вакцина на „Фајзер“ има краток рок на траење ако не е во длабоко замрзнување. Вакцинацијата во Грција е под името „операција Слобода“, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во петокот рече дека според проценките, првата пратка од вакцината во Грција ќе стигне на 26 декември и од следниот ден, од 27 декември ќе почне вакцинацијата во пет болници во Атина, а веднаш потоа и во Солун. Мицотакис истакна дека првите граѓани кои ќе ја примат вакцината против Ковид-19, ќе бидат медицинска сестра и повозрасен граѓанин, додека пак дел од медиумите објавија дека неофицијално, ден подоцна на 28 декември, вакцината ќе ја примат грчкиот премиер и неговата сопруга. Веројатно е дека од симболични причини, меѓу првите, кои ќе се вакцинираат ќе бидат лидерите на политичките партии. Согласно националниот план, во Грција ќе има вкупно 1.018 центри за вакцинација, а месечно ќе има можност да се вакцинираат над два милиони граѓани. Здравствените работници се први на листата, заедно со лицата згрижени во Домовите за стари лица, потоа ќе следат граѓаните над 65 години, кои според Мицотакис се околу 2,4 милиони. Најавите се дека првата пратка за Грција ќе биде околу 300.000 дози за вакцинација на 150.000 граѓани. Вакцината ќе биде бесплатна, а процедурата за граѓаните ќе биде со претходно закажан термин. Сања Ристовска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан