• петок, 22 ноември 2024

На Пониква се одржа Меѓународен ФИС- ролер ски куп натпревар

На Пониква се одржа Меѓународен ФИС- ролер ски куп натпревар
Кочани, 14 септември 2022 (МИА) – Скијачката федерација на Македонија беше организатор на првиот Меѓународен ФИС - ролер ски куп натпревар, што во изминатите два дена се одржа на терените на спортско-рекреативниот центар Пониква на Осоговските Планини. Покрај домашните натпреварувачи, на Купот настапија и учесници од Грција, Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина, кои во машка и женска конкуренција се натпреваруваа во три возрасни категории. - Имавме шеесетина натпреварувачи, кои беа поделени во две категории според возраста, на момчиња и девојчиња до 12 и до 14 години, како и во сениорска категорија за мажи и жени. Сениорите возеа на патека долга 10, а сениорките на 5 километри, со висинска разлика од 611 метри, при што победници се македонските репрезентативци Ставре Јада и Ана Цветановска. Кај младинските категории се возеше на патеки од два и три километри. Условите за натпреварување беа одлични, патеката добро подготвена и задоволни сме од можностите што ги имавме овде. Наша цел е натпреварот да влезе во ФИС календарот за натпреварување и да продолжи да се организира во наредните години, истакна Борче Јованоски од Скијачката федерација на Македонија. Меѓународниот ролер ски куп натпревар „Пониква 2022“ се одржа со техничка поддршка од клубот „Скии рис“ од Скопје и од Општина Кочани. На доделувањето на признанијата на победниците учествуваше и градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, кој истакна дека овој натпревар е уште една можност за промовирање на природните убавини и капацитетите за развој на скијањето и спортскиот туризам со кој располага овој дел од Осоговијата. та/сх/

Остани поврзан