• четврток, 19 декември 2024

На повеќе локации во делчевско се одбележа Ѓурѓовден

На повеќе локации во делчевско се одбележа Ѓурѓовден

Делчево, 6 мај 2024 (МИА) - На повеќе локации во делчевското село Вирче денеска се славеше празникот Ѓурѓовден. Најмасовно празникот се одбележа кај месноста Ѓурѓов Даб и манастирот посветен на Св.Георги, а одбележување имаше и во селата Град и Киселица каде исто така црквите го носат името на светецот.

За Исус Десподовски од село Вирче најважно е што традицијата продолжува и покрај тоа што стариот даб пред околу 30 години беше опожарен.

-Овде на Ѓургов Даб кој беше опожарен, традицијата да се собираат верниците за Ѓурѓовден продолжува. Организатори се од село Вирче  месната заедница и Црковниот одбор. Има некаде 11 брави јагниња за ручек, има гости од цела Македонија. Поздрав до сите православни верници од дијаспората и цела Македонија, истакна Десподовски 

Манастирот Св.Георги е изграден по 2000-та година и оттогаш постепено се уредува. 

-Направивме поголем објект во случај на дожд да има луѓето каде да се засолнат. Не е довршен, но оваа година планираме да го завршиме, манастирчето, да го осветиме. Колку толку нашето население активно учествува со помош, имаме донации, има и млади по странство кои донираат, се залагаме и ќе го доправиме, вели еден од мајсторите кои учествуваа во неодамнешната доградба на тремот во близина на манастирот.

За присутните организаторите подготвија пригодна фолклорна програма со настап на Фолклорната група „Копачка" додека Ѓурѓовден продолжува да се слави и вечерва со настап на естрадната уметничка Стојне Николова. вс/вг/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан