• недела, 22 декември 2024

На „Охридско лето“ концерт посветен на Томислав Зографски и Стојче Тошевски со пијанистите Анастасија Грговска и Шкељзен Бафтиари и виолинистот Васил Богоевски

На „Охридско лето“ концерт посветен на Томислав Зографски и Стојче Тошевски со пијанистите Анастасија Грговска и Шкељзен Бафтиари и виолинистот Васил Богоевски

Охрид, 9 август 2024 (МИА) – Музичката програма на „Охридско лето“ за вечерва го нуди концертот посветен на македонските композитори Томислав Зографски и Стојче Тошевски, со настапот на уметниците Анастасија Грговска и Шкељзен Бафтиари на пијано и Васил Богоевски на виолина.

Анастасија Грговска е родена во Куманово каде го започнува своето музичко образование во класата на проф. Драган Грговски, а го продолжува во класата на проф. Славица Мицовска. Средно образование завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски -Луј“, во Скопје. Во 2013 година дипломира со највисока оценка Кум Лауде на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Марија Ѓошевска.

Добитничка е на голем број награди и признанија на државни и меѓународни натпревари. Зад себе има солистички концерти во Куманово, Скопје и Прокупље, концерти со камерни состави и настапи на реномирани фестивали како „Охридско лето”, „Скопско лето”, „Денови на македонска музика” и „Есенски музички свечености”. Во 2009 година настапува како солист со Камерниот оркестар на градот Перник, во Бугарија, а во 2013 и 2017 година како солист со Македонската филхармонија во Скопје. Лауреат е на Фондацијата „Томислав Зографски“ во 2014 година, a добитник е и на наградата Гран при за 2021 година која ја доделува Одборот на Фондацијата. Дел е од камерното дуо „Дистанца“ со пијанистката Бриџида Мијоре од Италија. Активно се занимава со педагогија и корепетиција. Се надоградува на семинари со познати светски имиња од класичната музичка сцена како Х.  Холтман, Ј. Кот,  Н. Трул,  А. Диев,  Ж. Захариева, А. Гиндин, Ф. Турисини, Г. Грузман, Љ. Гашпаровиќ. Магистрира, со највисока оценка на Руската музичка академија „Гњесин” во Москва, во класата на проф. Јулија В. Фјодорова, каде што како редовен студент бележи настапи на концерти на класата и во камерни ансамбли.

Шкељзен Бафтиари дипломира со највисоки оценки  Кум Лауде на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Борис Романов, а постдипломските студии ги завршува во класата на светски познатиот пијанист Симон Трпчески. Пијано почнува да учи од 10 годишна возраст со проф. Симона Зафировска во ДМУ  „Тодор Скаловски – Тетоец”- Тетово,  а основното и средното музичко образование ги завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во класата на проф. Људмила Романова. Добитник е на бројни меѓународни награди во Париз, Рим, Торино, Пловдив, Благоевград и Белград. Одржува солистички концерти во Тетово, Скопје, Струга, Приштина Тирана, Софија, Охрид, а настапувал на фестивали меѓу кои „Охридско лето“, „Есенски музички свечености“, „Скопско лето“, „Денови на македонската музика“, ДАМ, „Шопен Пијано фест“, „Косова Камерфест“, „РеМузика“, „Сцена на Албанската сериозна музика“ и др. Соработувал со познати диригенти и инструменталисти како Симон Трпчески, Шкељзен Доли, Сихана Бадивуку, Марија Ѓошевска, Дерек Хан, Саша Николовски – Ѓумар, Борјан Цанев, Томас Херцог итн.

Како солист со оркестар настапува со Лондон Сити Филхармоник, Македонската филхармонија, Симфонискиот оркестар на ФМУ, Косовската филхармонија, Симфонискиот оркестар на Албанската РТВ.  Остварува бројни снимки за радио и ТВ и редовно активно учествува на семинарите под раководство на проф. Борис Романов во Охрид.

Васил Богоевки е роден во 2001 година во Велес. Започнува да свири виолина на 7-годишна возраст, инспириран од својата мајка.

Основното музичко образование го завршува во ООМУ ,,Стефан Гајдов“ во Велес, во класата на наст. Марија Богданоска. Продолжува да се школува на ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје во класата на проф. Билјана Весковска. Високото образование го започнува на Конзерваториумот „Д-р Хох“ во Франкфурт, Германија, во класата на д-р Фабиан Ризер, а дипломира на Факултетот за музика во Мајнц, во класата на проф. Ливиу Каслеану.

За време на неговото образование посетува приватна настава кај  проф. Лазар Милетиќ и проф. Рамадан Еминовиќ и редовно учествува на интернационални семинари: Арлемм (Србија), Кронберг (Германија), проф. Петру Мунтеану, проф. Ерик Шуман . . .Има учествувано на натпревари и е добитник на бројни награди во Македонија, Бугарија, Србија, Романија, Молдавија, Украина, Словенија, Италија, Австрија, Малезија . . . .Во август 2022 добитник е на стипендија од здружението „Рихард Вагнер“ во Франкфурт, со што посетува изведби на опери во Бајројт и настапува на концерт во рамки на фестивалот како најмлад учесник.

Добитник е на деветтоноемвриска награда во 2023 година за достигнување и афирмација на Велес на меѓународна сцена преку достигнувања во областа на класичната музика. Во август 2023 со Трио „Дамар“ од Велес: Менка Богоевска-виолина и Илија Настовски-пијано, имаше концерт во Театро Марчело, Рим (Италија).
Стипендист е во Ложата „За единство“ во Франкфурт и добитник на стипендии од здружението на покровители на д-р Хох.

За концертот е резервирана сцената на црквата „Света Софија“ од 21 часот. аб/вг/

фото/Охридско лето

 

Остани поврзан